Мицкоски: Ниту има скрининг, ниту преговори има – ова сега што се случува е мониторинг, кој што трае од првиот ден кога ние сме земја кандидат

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и уште некои слободоумни пратеници во Парламентот се браникот на македонскиот идентитет. Промената на Уставот гарантирам дека нема да се случи. Гаранција за тоа е зборот на 44 пратеници од Коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и останатите слободоумни пратеници, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на општина Бутел, рече дека фокусот на најавениот референдум ќе биде членот 5, алинеја 4 од Преговарачката рамка, каде што е вметнат протоколот и билатералниот договор, каде ќе треба да одлучат граѓаните дали прифаќаат ваква Преговарачка рамка.

-Ние зборуваме за преговарачката рамка, зошто таа е суштината. Сега нема ништо Бугарија. Таа е повторно изолирана во нејзината намера да се фокусира на протокол и билатерален договор. Бугарија сè уште го нема европеизирано нивното барање и тоа ги прави нервозни – изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, добро е што „нема промена на Уставот“, бидејќи, како што рече, ако имаше тие ќе ја усвоеја преговарачката рамка и тогаш ќе беше мат за македонскиот идентитет.

Ковачевски, Маричиќ, Османи… можат да се обидуваат се да прават, но во суштина народот и пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да им дозволат докрај тоа да го спроведат – изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, сега ниту има преговори, ниту тие ќе почнат, бидејќи, како што рече, е јасна позицијата, треба да се смени Уставот за да се отворат преговорите.

-Ниту има скрининг, ниту преговори има. Ова сега што се случува е мониторинг, кој што трае од првиот ден кога ние сме земја кандидат, од 2005 година. Тоа е јасно покажано во документите што вчера ги потпишуваа. Ниту има преговори, ниту ќе почнат. Јасна е позицијата, за во овој момент да се случат преговори потребно е да се смени Уставот – изјави Мицкоски.

Прашан дали е поканет и дали ќе учествува на вечерашниот коктел, Мицкоски рече дека е поканет, но нема да присуствува, бидејќи како што рече, „не мисли дека е добро друштвото таму за коктел“.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ ја добие довербата од народот на следните избори, Мицкоски рече, дека ќе работат „сите грешки една по една да ги исправува“.

Ветивме дека сето она што е досега направено, доколку ја добиеме довербата од народот, а јас очекувам според последните анкети ВМРО-ДПМНЕ самата да има мнозинство во Парламентот, овие грешки што се направени изминатите пет години да бидат исправени, а виновниците за сето тоа да одговараат – изјави Мицкоски.

Македонскиот народ, посочи Мицкоски, премногу има дадено за европските вредности и насила биле променети знамето, Уставот и уставното име.

Насила сега беше прошверцуван обид да се начне македонскиот идентитет. Ако сето ова се европски вредности, простете јас не сакам да ги споделувам. Јас сакам да ги сподлеувам вредностите дефинирани со Копенхагешките критериуми и вредностите дефинирани со Договорот за стабилизација и асоцијација – рече Мицкоски.

 

фото: Архива