Регистриран првиот случај на мајмунски сипаници во Црна Гора

Во Црна Гора е регистриран првиот случај на мајмунски сипаници, соопшти црногорскиот Институт за јавно здравје (ИЈЗ), известува Агенција Анадолија (АА).

ИЈЗ објави дека заразениот црногорски граѓанин е во добра здравствена состојба.

„Лабораторијата на Одделението за молекуларна дијагностика на ИЈЗ го детектираше, а во соработка со Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ и потврден е првиот случај на заболување од мајмунски сипаници“, се вели во соопштението.

Црна Гора се приклучи на списокот од 79 земји во кои е регистрирано ова заболување.

Како што се наведува во соопштението, се спроведуваат сите неопходни мерки кон заболените и лицата со кои контактирале, сè со цел да се спречи и сузбие ширењето на заразната болест.

„Известени се сите надлежни институции во согласност со националните и меѓународните протоколи“, се вели во соопштението.

Мајмунските сипаници обично почнуваат со грозница, болки во мускулите, замор и главоболка. Може да се јави болка во грлото и кашлица. Исто така, може да дојде до зголемување на лимфните јазли. Во период од еден до три дена по појавата на грозницата, кај пациентот се развива осип, што често започнува на лицето.

„Потоа се шири на екстремитетите и другите делови од телото“, се наведува во соопштението.

Болеста обично трае од две до четири недели.

ИЈЗ на Црна Гора апелираше до своите граѓани да се придржуваат до превентивните хигиенско-епидемиолошки мерки и да ги почитуваат препораките на здравствените институции.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).