Големи штети во Тетово по невремето

Голема материјална штета предизвика синоќешниот пороен дожд кој го зафати тетовскиот регион. Блокирани беа неколку улици во градот.

Како последица на обилните врнежи, поплавени се многу куќи, а водата однесе и неколку автомобили.

Најкритично било во тетовските села, особено во Ѓермо, каде што поплавите оштетија и темели на една куќа.

Локалниот кризен штаб денеска одржа состанок на кој е констатирано дека материјалните штети се значителни.

„Денеска е најавено дека може да има поплави или нови врнежи од дожд. Решивме критичните точки во Порој и во Речица да се расчистат и да бидат под постојан надзор, како и да се расчистат сите наноси во градот. Дирекцијата за заштита и спасување интервенираше на некои критични точки, како што е случајот во Ѓермо“, порача Биљал Касами.

Касами меѓу другото рече и дека водата во градот е добра за пиење и дека постојано се проверува. Од општината апелираат до Владата да прогласи вонредна состојба со цел на граѓаните да им биде надоместена целата штета предизвикана од поплавите.

извор: ТВ 21