Македонското друштво “Илинден“-Тирана: Познавајќи го капацитетот на платените ликови во Албанија кои треба да одглумат Бугари, не се сомневаме дека ваквата средба е иницирана од Бугарија

Реакција во пресрет на новата територијална поделба на Република Албанија, а особено по барањето за формирање на посебни општини каде Македонците живеат со векови и во пределите Преспа, Голо Брдо и Гора.

Иако се дегутантни и веќе смешно излитени изјавите на бугарските перјаници во врска со именувањето на Македонците во Албанија со Бугари, сепак по онаа народната „сто пати кажаната лага станува вистина“ и Коџабашиев се вклучува во ширењето на лагата.

Намерната замена на нашето вековно македонското чувство, со некакво, од Бугарите измислено бугарско национално чувство, кај нас не поминува. Напротив, кај многу од нас, Македонците се создава и чувство на пизма кој бугарските официјални политички претставници поради нивната уценувачка и настојчива активност да нѝ ја наметнат бугарштината како чувство иако со децении кажуваме дека не сме Бугари. И како Македонци од Преспа, Голо Брдо и Гора по кој знае кој пат им се обраќаме на европските институции да преземат мерки за контролирање на неконтролабилните бугарски политичари чие однесување е крајно неевропско, дури и нецивилизирано за 21. век.

Она што нас нѐ загрижува е фактот што токму Европската Унија како заедница на демократски држави дозволува една нејзина членка да се однесува варварски кон Македонците во Албанија. Во своето обраќање Коџабашиев спомнува дека претставници на бугарското малцинство во Албанија побарале средба со претседателот на Бугарија, Радев и дека ќе се потрудат таа да се реализира.

Да не е смешно, ќе биде комично. Познавајќи го капацитетот на платените ликови во Албанија кои треба да одглумат Бугари, не се сомневаме дека ваквата средба е иницирана од Бугарија. Но, за да не биде вистината гола, подобро е да ѝ фрлиме некоја наметка. Наметката се вика дежурни платеници кои за пари го продаваат и мајчиното млеко.

Коџабашиев треба да научи дека нивните платеници кои глумат Бугари во Албанија, утре ќе се изјаснат и марсовци, доколку некој подобро платат од Бугарија Жаламе што и нашата, албанска Влада дозволува на нејзината територија да шетаат емисари на други држави со цел да внесуваат раздор и немир сред нејзините жители. Тоа го направи и самата албанска Влада во 2017 година кога попушти пред уцените на Бугарија и без реално постоење на ниту еден Бугарин во Албанија, го вметнаа бугарското малцинство во Законот за малцинства. Но, Бугарија како член на Европската Унија и склона кон уцени, се закануваше на Албанија со вето за почнување на преговори за влез во европското семејство, а жртвата и цената за таквиот чин беше газењето врз коските на покојните и чувствата на живите Македонци во Албанија.

Срамно е европското демократско семејство да ги гази своите зацртани постулати за основните човекови права и да молчи за недозволивата ароганција на Бугарите, кои сѐ поинтензивно работат на денационализација и геноцид на Македонците во Република Албанија. Ние имаме да порачаме дека платениците што ви се Бугари, никој не знае до кога ќе бидат Бугари. А ние, Македонци сме биле, Македонци ќе останеме.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана