Девојчето, кое спаѓа во категорија на помлади малолетници, било заведено од лице што било дел од балканска мрежа за трговија со луѓе. Од македонската полиција велат дека тоа е прв таков случај и дека во соработка со полициите од регионот се прибираат докази против вмешаните лица
Девојче помладо од 14 години станало жртва на балканска мрежа за онлајн трговија со луѓе. Во рацете на предаторите паднало преку социјалните мрежи. Како што ни објаснија од единицата при МВР за борба против трговијата со луѓе, тоа е прв таков случај кај нас.
„Начинот на комуникација се сведе преку интернет и социјалните мрежи. Најранливи се, се разбира, децата кои се најчесто на интернет. Така, оваа година првпат имавме и идентификувана жртва од дете“, вели во разговор за Гласот на Америка, Љупчо Маркудов, началник на единицата за борба против трговија со луѓе при МВР.
Злоупотребата се случувала годинава, а нејзини фотографии завршиле на интернет страници со сексуални содржини. Сè почналo откако девојчето прифатило онлајн комуникација со непознато лице.
„Ја стекнуваат довербата кај детето и почнуваат оние суптилни начини да го подведат детето да направи нешто што не одговара на неговата возраст. Тоа се документира, се снима. Потоа детето се уценува со тие снимки. Натаму тие снимки се објавуваат на порно сајтови“, објаснува Маркудов.
Истрагата покажала дека предаторот не постапувал сам.
„Тој е дел од една поголема криминална група. Мрежа на предатори, педофили, бидејќи се работи за деца. Сите овие лица кои се во оваа мрежа се возрасни. Се работи и за лица над педесет години и бараат од децата да прават некои работи кои се грозоморни. Се обидуваме со полициските служби од регионот, да обезбедиме што е можно повеќе докази за сите овие лица“, посочи началникот во разговорот за Гласот на Америка.
Здружението „Отворена порта – Ла страда“, работи со жртви од сексуална злоупотреба. Според нивните сознанија, трговијата со луѓе почнала засилено да се префрла во онлајн просторот. Предаторите најмногу се фокусирале на малолетни лица, на кои им се претставувале како нивни врсници.
„Прават проценка што му фали на детето и почнуваат да го намамуваат со слатки зборови, со внимание. Чекор по чекор, сето тоа станува сè повулгарно, каде што бараат сликичка, па малку да се ѕирка нешто, па погола слика . Тие фотографии ги складираат и потоа со нив го уценуваат детето дека ќе ги покажат на родителите, врсниците, на професорите на училиште“, објасни Јасмина Димишковска Рајковска, извршна директорка на „Отворена порта – Ла Страда“.
Искуствата покажале дека заканите што почнуваат онлајн, постепено преминуваат и во физичка злоупотреба.
„Ќе оди само подлабоко и подлабоко. Трговците со луѓе немаат граници. Нема да застане со следното видео, нема да застане со следната фотографија, ќе продолжи и понатаму“, предупредува Димишковска Рајковска.
Познавачите укажуваат дека најчести симптоми за препознавање на овие случаи е повлеченост кај децата, промени во однесувањето, слаб успех на училиште. Советот до родителите е отворено да се разговара со децата и доколку имаат сознанија за таков случај да пријават во полиција.
„Да разговараат со децата постојано. Да им кажуваат за ризиците позади скриените профили, дека не треба да прифаќаат профили од лица што не ги познаваат. Доколку им се случи некој да им се заканува, само да го блокираат, да не развиваат дискусија со нив“, советува претседателката на здружението „Отворена порта – Ла Страда“.
Од Министерството за труд и социјала, кое е дел од Комисијата за борба против трговијата со луѓе, велат дека има постојани обуки за работа со жртвите и за заштита од оваа криминална појава.
Според полициските статистики, до сега годинава се откриени седум случаи на трговија со луѓе. Шест од нив се деца. Уште осум други малолетни лица, пак, се водат како потенцијални жртви.
Глас на Америка