ЕВН на својата веб страница објави објаснување од каде произлегува вкупната сума на фактурата за електрична енергија:
Согласно одлуката на Регулаторна комисија за енергетика за Универзалниот снабдувач, од 01.07.2022 се воведуваат одредени измени во тарифниот систем за потрошената електрична енергија. Со цел транспарентно да ве информираме од каде произлегува вкупната сума на фактурата за електрична енергија, на задниот дел ќе најдете детални информации за вашата потрошувачка, но и за начинот на кој се тарифираат потрошените киловат часови во висока и ниска тарифа.
Во фактурата за електрична енергија одделно се прикажани пресметки за:
– потрошена електрична енергија и
– надомест за користење на преносниот и дистрибутивниот систем
Потрошената електрична енергија најпрво е поделена на:
– потрошувачка во висока тарифа и
– потрошувачка во ниска тарифа
За целата количина на електрична енергија потрошена во ниска тарифа се применува една цена 0,6193 ден за kWh, независно од потрошувачката.
Кај домаќинствата, како посебна категорија потрошувачи, целата количина на електрична енергија потрошена во висока тарифа се дели на блокови на потрошувачка, а за секој блок има различна цена.
Блоковите во високата потрошувачка, кога периодот на отчитување е 30 дена, се:
– Блок 1: од 0 kWh до 210 kWh
– Блок 2: oд 211 kWh до 630 kWh
– Блок 3: од 631 kWh до 1050 kWh
– Блок 4: од 1051 kWh па нагоре
Пример: ако еден потрошувач потрошил 700 kWh во висока тарифа, тие ќе бидат поделени на следниот начин:
– Блок 1 (0 – 210): 210 kWh
– Блок 2 (211 – 630): 420 kWh
– Блок 3 (631 – 1050): 70 kWh
Потрошената енергија од секој блок се множи по соодветната цена што важи за тој блок и така се добива вкупниот надомест за потрошена енергија. Цените за секој блок се следни:
– Цена за kWh во Блок 1: 4,3484 ден.
– Цена за kWh во Блок 2: 4,7017 ден
– Цена за kWh во Блок 3: 5,2877 ден
– Цена за kWh во Блок 4: 14,1025 ден
Дополнително објаснување за блоковите, зависно од периодот на отчитување:
Блоковите кои беа прикажани погоре важат за месечна, односно 30 дневна потрошувачка.
Доколку при отчитување на броилата периодот не е 30 дена , туку пократок (на пример 29 дена) или подолг (на пример 32 дена), тогаш блоковите се прошируваат или стеснуваат.
При ова „проширување“ или „стеснување“ на блоковите, како фиксна се зема просечната дневна потрошувачка, која се добива кога месечна (30 дневна) потрошувачка ќе се подели со бројот на денови. Така, за секој блок се добива просечна дневна потрошувачка:
– Блок 1 (0 – 210): 210 kWh : 30 дена = 7 kWh/дневно
– Блок 2 (210 – 630): 420 kWh : 30 дена = 14 kWh/дневно
– Блок 3 (630 – 1050): 420 kWh : 30 дена = 14 kWh/дневно
Од тука ако периодот е 28 дена, месечните блокови би биле:
– Блок 1: 28 дена х 7 kWh/дневно = 196 kWh; значи Блок 1 (0 kWh – 196 kWh)
– Блок 2: 28 дена х 14 kWh/дневно = 392 kWh; значи Блок 2 (197 kWh – 588 kWh)
– Блок 3: 28 дена х 14 kWh/дневно = 392 kWh; значи Блок 3 (589 kWh – 980 kWh)
Надоместок за пренос и дистрибуција:
Надоместокот за користење на преносниот и дистрибутивниот систем се добива како производ од потрошената енергија и тарифата за пренос и дистрибуција, според Одлуката на Регулаторна комисија за енергетика за Електродистрибуција.
извор: ЕВН