Германското здружение на градови и општини предупреди на можни големи прекини на струја во Германија поради енергетската криза и ги повика граѓаните сериозно да ги сфатат препораките за цивилна заштита. Здружението објави листа на залихи што секое домаќинство треба да ги има при рака во случај на прекин на струја, вода и гориво, а известува Fenix-magazin.de.
„Постои опасност од прекин на електричната енергија. Неопходно е однапред да се подготвиме за реални кризни ситуации“, изјави за „Велт ам Зонтаг“ извршниот директор на градскиот совет Герд Ландсберг. Ландсберг посебно предупреди на ризикот од преоптоварување на електричната мрежа, на пример, ако 650.000 продадени греалки оваа година се приклучат на мрежата, во случај на прекин на снабдувањето со гас.
„Непријателските хакерски напади се исто така реално сценарио. Не можеме да исклучиме широко распространето затемнување. Германија е недоволно опремена за оваа евентуалност“, рекол Ландсберг.
Тој ги повикал граѓаните сериозно да ги сфатат препораките на федералната цивилна заштита и да имаат вода и храна дома. Во случај на општо затемнување, „нема вода, не може да се полее, по два дена не можете да го полните мобилниот“, опишал тој.
Од друга страна, канцеларот Олаф Шолц (СПД) за време на викендот изјави дека Германија се подготвила. „Ќе го надминеме. Луѓето во Германија чувствуваат дека живеат во сериозни времиња. Но, ние се подготвивме, увери канцеларот“, во својата неделна видеопорака, пренесуваат германските медиуми.
Сепак, експертите сметаат дека германската електрична мрежа е добро подготвена. Генералниот директор на германското здружение на градови Хелмут Деди рече дека сега не треба да се реагира со паника, туку со заеднички напор.