Грандиозни куќи, луксузни станови, хотели пренаменети во старски домови, се само дел од имотот што го поседува таткото на скопската градоначалничка Данела Арсовска, а за кои „Фокус“ истражува повеќе од седум месеци. Но, и покрај огромниот недвижен имот со кој располага, тука се и шесте компании, кои се водат на членови на најблиското семејство на Ванчо Јовановски – пишуваше Фокус во јули годинава.
Претходно, дел од компаниите се воделе и на име на скопската градоначалничка, но како што таа понатаму напредува во кариерата, така од нејзината биографија „исчезнуваат“ нејзините претходни менаџерски активности.
Посебно тоа се случува во периодот кога носи одлука да се кандидира за градоначалник на Скопје, и тоа независен. Сепак, да не беше поддршката од најголемата опозициска партија, факт е дека немаше да ја однесе големата победа. Но, како што тргнале работите и „вмровците“ не се согласуваат со нејзината политика на работење, па така индиректно се оградуваат од нејзините екстремни потези, кои најверојатно ги носи сама на своја рака.
Па така, таа во предизборието никогаш не призна што работела порано, на јавноста цело време ѝ ја сервираше нејзината скромност и чесност, а имотот од над 4.500 квадратни метри на име на нејзиниот татко го побива тоа. Па, така наеднаш „пукна“ сè.
Покрај сите имотни листови што ги извадиле, екипата на „Фокус“ направила обиколка и посетила неколку локации на кои фигурира името на Јовановски. Сиот имот што го поседува се наоѓа на различни адреси, а се движат на релациите од скопската Општина Кисела Вода, Карпош, Капиштец, Бардовци… Тоа е моменталната мапа на недвижности со кои располагаме, но лека-полека доаѓаме и до нови откритија.
Од сето тоа што успеавле да го видат на терен, луксузот преовладува кај секоја од куќите и зградите. Тука не станува збор само за обичен недвижен имот, туку за грандиозен и луксузен имот, огромни дворови, кои се наоѓаат во најелитните делови на скопските населби. Секоја од куќите е опколена со зеленило, високи дрвја и уредно и елегантно средени дворни места.
И по толку време, останува неодговорено прашањето – како полициски инспектор, кој се пензионирал пред повеќе од 30 години се стекнал со толкав недвижен имот, кој патем да кажеме целиот се води на негово име? Засега и надлежните институции трагаат по ваквите одговори!
„Фокус“ објави дека дошле до нови имотни листови, кои се водат на име на Јовановски, и тоа на досега непозната локација. Станува збор за елитната скопска населба Бардовци, каде што е лоцирана уште една од куќите на таткото на Арсовска.
Тоа го докажува и имотниот лист со кој располагаат, со број 48333, поточно во него се впишани две имиња, едното на Јовановски, а другото е на извесна Милица Арсовска, за која, како што објави медиумот, е свекрва на актуелната градоначалничка на Скопје.
Во него може да се забележи дека станува збор за дворно место со површина од 414 квадратни метри. Всушност, тука се наоѓаат две куќи на приземје, од кои едната со површина од 119 квадратни метри, додека другата е со помала квадратура од 67 квадратни метри.
Која од куќите е на таткото, а која на свекрвата не пишува, а единствено што може да се види е дека двајцата поседуваат по половина од имотот во Бардовци, поточно по една куќа.
Дека се работи за нив двајца докажуваат и адресите на живеење, кои се објавени покрај нивните официјални имиња. Поточно, покрај името на свекрвата на Арсовска е наведена истата адреса, на која живеат нејзиниот син и снаа во скопската населба Ѓорче Петров. Од друга страна, покрај името на нејзиниот татко е наведена веќе добро познатата адреса на живеење во скопски Карпош.
Екипата на „Фокус“ се прошетала и низ скопската населба Бардовци, каде уште на влезот на главната улица може да се забележат елитните куќи, една позади друга. Тие се изградени во модерен стил и опколени со зеленило и дрвја. Засега нема информации, кој и како живее таму, дали се издаваат под кирија или не, со оглед на тоа што нивните сопственици во Катастар се впишани по адреса од лична карта.
Текстот во целост на: Фокус