Гепарди повторно во Индија 70 години по нивното изумирање

Најбрзото копнено животно на светот, гепардот, повторно на територијата на Индија, 70 години по неговото изумирање во таа азиска држава, јавува Агенција Анадолија (АА).

Осум големи гепарди од Намибија се пренесени со посебен авион во Гвалиор, во централната индиска држава Мадја Прадеш, а потоа со хеликоптери се префрлени во Националниот парк Куно, нивниот нов дом.

Индискиот премиер Нарендра Моди ги пушти големите мачки во паркот одбележувајќи го својот 72 роденден.

Се наведува дека гепардите следниот месец ќе го поминат во карантин во оградени простории, по што ќе бидат пуштени во паркот.

Пред да бидат пуштени во дивината, ќе им бидат вградени сателитски/GSM-GPS-VHF радио ѓердани, што ќе овозможат далечинско следење.

Куно, кој се наоѓа во регионот Чамбал и е дел од шумскиот пејзаж Шеопур-Шивпури во Мадја Прадеш, се простира на површина од 750 квадратни километри и има поволна средина за гепардите со оглед на неговата мешавина на тревни површини.

Во февруари, индиското Министерство за животна средина и шуми соопшти дека во рок од пет години ќе бидат донесени 12 до 14 гепарди од Јужна Африка, Намибија или други африкански држави.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).