Бајден: Војската на САД би го бранела Тајван во случај на кинески напад

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден изјави дека американската армија ќе го брани Тајван во случај Кина да го нападне тој остров, известува Агенција Анадолија (АА).

Како гостин на програмата „60 минути“ на телевизијата CBD, американскиот претседател Бајден ги коментираше и актуелните тензии меѓу Кина и Тајван, кои дополнително се зголемија откако делегација од американскиот Конгрес неодамна го посети островот.

Водителот на програмата му постави директно прашање на Бајден дали американските сили ќе го бранат Тајван доколку Кина го нападне, на што Бајден одговори потврдно.

„Да, доколку има напад без преседан“, рече Бајден.

Водителот потоа уште подиректно праша дали американските војници, за разлика од случајот со Украина, ќе одат да го бранат Тајван, на што Бајден исто така одговори потврдно и појасни дека САД не ја промениле својата политика кон Тајван.

„Стоиме зад она што го потпишавме одамна. Посветени сме на политиката на една Кина и не го охрабруваме или убедуваме Тајван да се движи кон независност. Независноста е одлука што треба да ја донесе Тајван“, рече Бајден.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).