ИРЛ: Пожар во куќата на ДУИ: Војуваат братучедите и другарите

Партиската војна во ДУИ е меч што виси и врз главата на СДСМ. Во разговор со ИРЛ, членовите на таканаречената огнена група велат дека освен нивната непоколебливост, тие можат да сметаат и на поддршката на двоецот Кастриот Реџепи и Скендер Реџепи, и двајцата пратеници во Собранието. Партијата со децении ја следат сериозни обвинувања за корупција и криминал, а афери има за сите вмешани во последниот и масовен пожар во ДУИ. Огнената група обвинува дека токму Груби им овозможил на Мијалков, Камчев и Кичеец да лежат во струшкиот затвор затоа што директорот бил на ДУИ. Но, и нивниот бекграунд е составен од низа скандали: Од обвинувања за корупција до обвинувања за тешки насилства.

Известуваат: Маја Јовановска и Бојан Стојановски; Илустрација: Лука Блажев

Штабот во Мала Речица две децении е упориште на партијата која досега во јавноста оставаше впечаток дека беспрекорно функционира според македонски стандарди. Лидерот секогаш го има последниот збор, а навидум челниците имаат контролирани демократски слободи. Фракции немало никогаш.

Чадот што се појави пред две години тивко навести дека во партијата има жарчиња кои тлеат. Огнената група која сега и јавно го адресираше проблемот и го посочи Артан Груби како извор на стихијата, значи дека огнот во ДУИ веќе е разгорен.

Првиот пожар во ДУИ

Во декември 2019 година Али Ахмети по четврти пат со акламација повторно беше избран за лидер на партијата. За него гласаа повеќе од 800 делегати кои учествуваа на Конгресот, а тој беше и единствениот предлог за лидерската функција од сите 36 ограноци на ДУИ.

„Ве уверувам дека ќе ве претставувам со дигнитет како и до сега така и во иднина и дека нема никогаш да се посрамите ниту пред вашите опоненти, ниту пред противниците“, им вети Ахмети на своите сопартијци.

Само осум месеци по оваа изјава на Ахмети, кога после парламентарните избори во јули 2020 година, победничките партии почнаа да го прават списокот на функционери, се јави првото незадоволство од старите кадри на ДУИ. Најгласен во бунтот и тогаш и сега е пратеникот Изет Меџити, претходно градоначалник на Чаир во два мандата и претседател на локалниот огранок на партијата.

Изборот на Ахмети, Бујар Османи да биде шеф на дипломатијата, а Артан Груби да биде втор човек во владата, го закочи процесот за гласање на новата влада. Тројца пратеници од ДУИ одбиваа да гласаат во Собранието, со што беше невозможно да биде избран кабинетот на премиерот Зоран Заев.

„Мора да признаам дека имам забелешки за извршната власт. Но, по долгите дебати во партијата, последниот збор го има Али Ахмети“, рече тогаш Меџити.

Владата беше избрана, а Ахмети очигледно и тој пат успеа да ја спаси куќата од пожар.

На ланските локални избори во партијата изби уште еден куршлус, кој помина речиси незабележително. Фатмир Лимани, внук на Али Ахмети, си даде оставка од сите позиции во ДУИ и како независен кандидат се кандидираше за градоналачник на Кичево. Тој беше од оние интегративци кој јавно стоеше зад ставовите на Изет Меџити и беше против Османи и Груби да бидат дел од владата.

Но, последниот обид на незадоволните не навестува дека лидерот Ахмети ќе може да ги смири спротивставените табори. Сега бројот на разочараните се зголемува, а фракцијата ја нарекоа „Огнена група“. Во неа не се само чаирчани и органокот од Сарај, туку добија поддршка и од ветераните на ДУИ на чело со Муса Џафери.

Можни сценарија

Кулминацијата на незадоволството од моќта која ја акумулираше Артан Груби се случи на 24 – ти септември. Во јавноста го понесоа епитетот „Огнена група“. Фронтмен е актуелниот пратеник во Собранието, Изет Меџити. Дел од огнената група за промени во ДУИ се актуелните градоначалници на Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, пратеничката Мерита Колчи Коџаџику како и заменикот министер за одбрана Башким Хасани.

ИРЛ побара став од Артан Груби и припадниците на „Огнената група“. Груби одлучи да молчи и не одговори на пораките на ИРЛ, а „Огнените“ се согласија да зборуваат, но не во лично име, туку како дел од незадоволната група.

Писмото до јавноста за недостатокот на демократски капацитет во ДУИ е само почеток во обидот партијата да не се идентификува преку Артан Груби. Велат дека се решени да одат до крај, со ризик дека „борбата за демократизација на ДУИ“ може и да ескалира, но не прецизираат што подразбира ескалацијата.

„Кадровските решенија се привилегија само на Артан Груби. Речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“, пишува во дописот на „Огнената група“.

Потпишани се осум интегративци кои бараат политичка дебата внатре во партијата за надминување на состојбата и одговорност и отчетност од носителите на извршната власт. Тие очекуваат претседателот Али Ахмети, да ги искористи своите политички и статутарни овластувања и да најде решение за зачувување на партиското единство.

Уверуваат дека немаат амбиција да го урнат од тронот Али Ахмети, кој отворено застана зад Артан Груби и порача дека се гледа на позицијата прв човек на ДУИ и во наредните пет години.

Партиска војна која може да ја урне владата на СДСМ и ДУИ

„Огнената група“ можеби ја нема поддршката на нивниот идеолошки татко Али Ахмети, но имаат друг адут – опстојување или пад на Владата каде прв вицепремиер е Артан Груби.

„Нема да се повлечеме како во минатото и ќе одиме до крај без разлика на последиците кои може да произлезат од оваа кавга. Нема да помине муабетот “ќе ве собере Али и ќе биде се во ред и ќе се повлечете”. Сега не е таква ситуацијата”, вака Огнената група за ИРЛ ја опиша моменталната ситуација.

Членовите на оваа иницијатива, освен на Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, за ИРЛ велат дека може да сметаат на поддршка уште од двајца пратеници: Кастриот Реџепи и Скендер Реџепи.

 

irl.mk