Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против жител на градот, кој се товари за убиство во обид, соопштија од ЈО, од каде открија детали за случајот, кој ја потресе јавноста во Гевгелија.
Во драматичен заплет на настаните, уапсениот 36-годишен гевгеличанец го бодел со нож неговиот очув, во чијшто дом насилно влегол, по што си заминал уверен дека го убил.
„Осомничениот, на 12 декември, со умисла се обидел да го лиши од живот неговиот очув. Делото го сторил така што ја протнал раката преку отворениот мал прозорец од десната страна на влезната врата, ја отворил вратата од домот на очувот, влегол внатре и по кратка расправија, повеќепати го прободел оштетениот со нож. Притоа, му нанел тешки телесни повреди – две убодни рани во грбот, длабоки посекотини на левата страна на вратот, лицето и на десната шака. Оштетениот паднал на подот во дневната соба и почнал обилно да крвави“, велат од Обвинителството.
Избодениот човек бил спасен од минувачи, кои го затекнале во локва крв на улицата пред неговата куќа.
„Откако осомничениот си заминал, оштетениот успеал да излезе надвор на улица, каде го затекнале случајни минувачи кои повикале итна медицинска помош. Пред да падне во кома поради сериозноста на повредите и да биде пренесен на Клиничкиот центар во Скопје, оштетениот успеал да го наведе осомничениот како сторител на кривичното дело“, се вели во соопштението од Обвинителството.
За случајот вчера извести и МВР:
slobodenpect.mk