Реставрација на пештерската црква Св.Богородица и осветлување на островот Мал Град

Регионалната дирекција за национална култура од Корча ќе ја реставрира црквата Света Богородица, на островот Мал Град, кај Пустец, Мала Преспа ќе има санација на панорамската патека и осветлување на островот Мал Град. Проектот е дизајниран од тимот на регионалната дирекција за национална култура од Корча и ќе се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија, Министерството за култура на Албанија и Министерството за култура Македонија во рамките на проектот „Smart4you2“. Овој прекуграничен проект доаѓа како продолжение на проектот „SmartCulTour“ со партнерите од Општина Битола , Општина Пустец, Центарот на музеи од Битола и ДРТК Корча.

Проектот има за цел да го зголеми туристичкиот потенцијал на Преспа преку создавање уникатна дестинација со реставрација на црквата Света Богородица во Мал Град, и истакнување на природните и културните вредности преку монументалното осветлување на патеката и околината каде што се наоѓа.

На овој остров се наоѓа пештерската црква „Св. Богородица“, која со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро. Оваа црква низ времето претрпела измени. Тоа го знаеме од трите сочувани натписи кои се наоѓаат на неа. Во првиот натпис, пишува дека основач на црквата е Бојко со жена му Евдокија во 1345 година. Во вториот натпис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата сопруга Кали, син Амирал и ќерката Марија. Третиот натпис датира во 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада. Внатрешноста на црквата, е целосно живописна и е доста позната по ѕидните фрески од Византискиот палеолошки стил.

 

vesnik-ilinden.com