Поранешната вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во интервју за БГНЕС, ги коментираше изјавите на македонскиот претседател Стево Пендаровски по завчерашната седница на Советот за безбедност.
Според неа, македонскиот претседател не ги штити интересите на својата татковина, туку служи на политиките на Србија и на Русија на Балканот.
Захариева е актуелна претседателка на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент и таа за денеска свика седница на која ќе биде сослушан амбасадорот на Бугарија во земјава, Ангел Ангелов.
Захариева бара остра реакција од Бугарија во врска со изјавите на Пендаровски, кои, како што потенцира, не помагаат во развојот на билатералните односи меѓу Софија и Скопје.
Инаку вчера македонската Влада го задолжи МВР да преземе мерки за обезбедување на годишнината на Гоце Делчев на 4 февруари.
Претходно, Пендаровски најави дека чествувањето на роденденот на 4 февруари е настан од висок безбедносен ризик.