Турција: 1.362 деца без придружба во регионите погодени од земјотресот, 369 вратени кај семејствата

Министерката за семејни прашања и социјални услуги на Република Туркије, Дерја Јаник, изјави дека надлежните институции регистрирале 1.362 деца без придружба во регионите погодени од разорните земјотреси, а дека 369 од нив се идентификувани и предадени на нивните семејства, јавува Анадолу.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала на 6 февруари ги погодија јужните делови на Туркије со епицентар во Кахраманмараш, а голем број спасувачки тимови сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.

Министерката Јаник посети 15 бебиња, жртви од земјотресот, кои со авион на турското Претседателство беа донесени во Анкара на лекување во градската болница „Етлик“.

Таа по посетата пред новинарите изјави дека надлежните институции се грижат за сите погодени од земјотресот, особено за децата како чувствителна категорија по катастрофата што ја погоди државата.

„Во системот регистриравме 1.362 деца без придружба. Од нив, 369 деца беа идентификувани и повторно обединети со нивните семејства. Оваа работа ни е важна. Се надеваме дека во наредниот период ќе ги предадеме сите овие деца на нивните семејства. Бројот на деца кои се лекуваат во болниците е 792. Бројот на деца што ги примивме во институциите на нашето Министерство е 201“, рече Јаник.

Министерката истакна и дека сите деца под покровителство на државните институции се во сигурни раце и ќе бидат идентификувани, вратени кај семејствата и згрижени.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.