Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, гостувајќи во емисијата Студио 10 на ТВ 24, на прашањето за лажните дојави за бомби, даде краток осврт:
„Ова е еден интензивен хибриден напад кој ни се случува од 19 октомври, па до денес, на територија на целата држава, во средните, а потоа и во основните училишта. Имавме зафатени повеќе од 720 објекти со вакви лажни дојави, иако не само во училишта, туку и во други комерцијални објекти. Што е најважно? Најважно е дека со полн капацитет активно работеше МВР и сите безбедносни служби. Дојавите се лажни, безбедноста во ниту еден момент не беше загрозена и во целиот тој период мораше да се постапува по упатствата кои беа на важност целиот тој период”, рече министерот Спасовски.
Истакнувајќи дека беше формиран Оперативен тим во рамки на Владата, во кој се вклучени сите институции – Агенција за национална безбедност, Агенција за разузнавање, Агенција за електронски комуникации, Военото разузнавање, сите релевантни структури со свои експерти, Спасовски потенцираше дека разменети се податоци и побарани се соодвтени решенија, со цел да се има поинаков пристап во однос на електронските дојави.
„Можам да кажам дека како министер донесов посебно Упатство коешто е за постапување во вакви случаи и врз основа на ова Упатство од петокот, минатата недела, се работи заедно со училиштата, со Министерството за образование и наука и тука морам да ја истакнам исклучително добрата соработка”, рече министерот Спасовски.
Во однос на откривање на сторителите, министерот Спасовски рече:
„Интензивно работиме на откривање на сторителите. Знаете дека во неколку случаи имавме откриени сторители, онаму каде што можеше да се дефинира кој е тој кој ги испраќа овие дојави. Сега веќе имаме изолирано поголема група со која работиме, очекувам во наредниот период да имаме конкретни ефикасни резултати во овој сегмент”, истакна Спасовски, додавајќи дека дојавите за бомби не се само на територија на Република Северна Македонија, туку и во земјите од регионот, но и пошироко.
„Тука се Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Германија, Нов Зеланд, САД, а интензитетот кој се зголемува од руската инвазија врз Украина, доволно говори дека станува збор за еден спој на структури кои не се само од внатрешноста, од државата, туку и надвор од неа”, рече министерот Спасовски.
На прашањето од каде доаѓаат дојавите за бомби, министерот Спасовски истакна:
„Генерално, за последните неколку дојави, можам да констатирам дека мејловите кои се испратени водат до IP адреси од Иран, Русија, како и VPN адреси чии провајдери се, исто така, од овие држави. Интересно е што уплатите за VPN услуги се извршени со крипто валути, што уште повеќе ја отежнува таа откривачка дејност”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека сега најважно е да се процени ризикот од дојавите за бомби.
„Меѓутоа, во овој момент што е важно е дека во новото упатство во кое се третирани сите облици на тероризмот, меѓу кои и електронските дојави за бомби, тој систем кој го востапоставивме прави проценка на ризик, и тоа беше најважната работа – да видиме на какво ниво на ризик се дојавите – и врз основа на тоа се постапува”, рече министерот Спасовски, уште еднаш упатувајќи апел да не се нарушува образовниот процес, да не се создава паника кај учениците, наставниците и граѓаните и потенцирајќи дека во тој дел состојбите успешно се менаџираат.
Извор: МВР