Мицкоски во честитката за Рамазан Бајрам: Нека празничните мигови ви поминат во добро здравје и спокој

Честитка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод празникот Рамазан Бајрам

-Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија од исламска вероисповед им го честитам празникот Рамазан Бајрам.

Нека празничните мигови ви поминат во добро здравје и спокој, а вашите домови нека бидат исполнети со радост и хармонија. Верата, солидарноста и човекољубието нека продолжат да ве водат во овие тешки времиња на предизвици, затоа само така можат да се надминат заедничките проблеми кои сите ние заедно ги делиме и ги живееме.

Животот и традицијата на разбирање, соживот и взаемна почит покажале дека сплотени сме ги постигнувале најголемите успеси за нашата татковина Македонија. Благосостојбата на секој еден човек, за секое едно семејство, за целата наша држава е нашата цел. Мораме да се обединиме околу принципите кои значат подобра иднина за сите и тоа ќе бара голема посветеност и работа. Доволно долго Македонија е заложник на криминалот и корупцијата на елитите поради која Македонија ја имаме се помалку, а народот ни живее се посиромашно. Тоа мора да го промениме и тоа ќе го направиме заради иднината на сите наши идни поколенија.

Честит Рамазан Бајрам!

За многу години празникот!

Со почит,

Проф. д-р Христијан Мицкоски

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ