Бездомни кучиња со товарни возила се преместуваат од еден град во друг, а има случаи кога такви кучиња се носат и од други држави, конкретно од Косово, пренесува „Плусинфо“, откако во добиле реакции од жители на Волково дека во нивното населено место бројот на бездомни кучиња во последно време значително пораснал.
Добро ги познаваме кучињата во нашата населба кои немаат сопственици, бидејќи редовно ги храниме и им помагаме кога можеме. Пред неколку дена забележавме повредено кученце кое имаше обетка на увото. Откако го однесовме на ветеринар да го прегледа, тој ни кажа дека станува збор за куче донесено од Гостивар, бидејќи чипот што го имало кучето е на јавното комунално претпријатие од овој град, велат жители на оваа населба.
Некои жители на Волково забележале комбиња и камиони, кои немаат скопски регистарски таблички, како носат и истовараат по десетина кучиња во оваа населба.
На социјалната мрежа Фејсбук можевме да прочитаме за сличен случај, при што во дискусијата меѓу членовите беше констатирано, според обетката која ја има кучето, дека тоа е донесено од соседно Косово. Љубителите на миленици во објавата прашуваат од кој град е зелената обетка со бројки што ја има, а во коментарите некои од членовите одговараат дека станува збор за куче донесено од Косово и дека често можело да се забележи на релација Карпош-Центар.