Во соседството и во повеќе европски земји постојат поволности и бројни парични ослободувања за оние што ќе се решат да купат електричен автомобил. Според познавачите, тие возила се повеќекратно поевтини за возење и за одржување, како и поеколошки од конвенционалните автомобили
Македонските граѓани сè уште немаат можности за субвенции за електрични или хибридни возила. Во буџетот за оваа година не е предвидена директна парична поддршка за набавка на возилата што користат поевтин и поеколошки погон, иако тоа беше ветувано во неколку наврати. Не се предвидени субвенции ниту за вградување плински уреди во возилата.
Од министерството за Економија, од каде ги даваат предлозите за субвенционирање, ни рекоа дека тоа го иницирале до министерството за финансии. Но, предлогот не поминал.
„Министерството за економија, во предлог Буџетот за 2023 година, даде предлог за субвенционирање, но надлежното министерство, Министерството за финансии, не го препозна како приоритет во проекциите на субвенции земајќи ја во предвид сегашната состојба на криза“, се вели во дел од одговорот од министерството.
За споредба, во соседна Србија граѓаните што ќе се решат да набават електрично возило или возило на хибриден погон, имаат можност за субвенции во износ од 2.500 до 5.000 евра. Слични се износите што и во другите балкански земји се доделуваат при купување возило на еколошки погон.
Токму немањето субвенции, но и недоволната инфраструктура, високите цени, старите навики, како и недоволните познавања за економската исплатливост се дел од причините поради кои македонските граѓани сè уште тешко се одлучуваат да набават електричен автомобил. Така објаснуваат познавачите на состојбите кои на македонскиот пазар нудат возила на електричен погон.
Според искуството на бренд менаџерот за Фолксваген, Александар Цветковски од „Порше Македонија“ интересот кај македонскиот граѓанин за електрични возила расте бавно, но стабилно.
„Бројот на заинтересирани клиенти сè уште е мал, но тоа овозможува во нашите актуелни услови да воспоставиме еден здрав раст и на понудата, и на пласманот на овие продукти“, вели Цветковски.
Од „Олимпија моторс аутлет“, кои на македонскиот пазар носат и половни електрични возила, додаваат дека засега цената на чинење ги двоуми македонските возачи.
„Самата технологија кај електричната возила е скапа, па од таму и тие возила се поскапи во однос на ниската куповна моќ на македонските граѓани. Затоа неминовно е да се вклучи државата во одредени критериуми, придобивки, како субвенционирање , одредени ниски каматни стапки, даночни олеснувања, за да се зголеми интересот за електричните возила“, вели Славчо Матески, менаџер партнер во „Олимпија моторс аутлет“.
Друга круцијален предизвик се станиците за полнење на батериите на тие автомобили. Во земјава засега има педесетина такви локации, а од нив само две се опремени со таканаречени брзи полначи. Повеќето ги поставила ЕВН и единствената поволност е што полнењето таму засега е бесплатно.
Во кругот на „Порше Македонија“ има полначи и им се достапни на корисниците.
„Реален предизвик е инфраструктурата за полнење, којашто не може да биде доволно распространета, раширена и достапна. Не дека ја нема кај нас. Но, за омасовување на овој тип возила треба да е барем пет до осум пати пораспространета, ако не и повеќе“, укажува Цветковски.
mk.voanews.com