Д-р Драган Даниловски: Пандемијата нè научи дека лекувањето на болните од ковид е главно импровизација

Доктор Драган Даниловски утринава преку Фејсбук статус порача дека пандемијата покажала дека е време за тотален ресет. Тој пишува дека пандемијата покажала дека немаме доволно медицински кадар, а лекувањето од Ковид е импровизација.

-ШТО ЗАКЛУЧИВМЕ ПО ДВЕ ГОДИНИ ПАНДЕМИЈА?
Дека имаме здравствен систем на стаклени нозе.
Дека немаме стратегија за глобални кризи со голем број жртви.
Дека немаме доволно медицински кадар и материјални ресурси за адекватен одговор при зголемен притисок врз здравствениот систем.
Дека немаме капацитет за целосно спроведување на било какви мерки.
Дека политиката е поважна од науката.
Дека бизнисот е поважен од човечките животи.
Дека лекувањето на болните од ковид е воглавно импровизација, зашто т.н. протоколи не се издигнати на ниво на законска обврска.
Дека еснафските здруженија се мртво слово на хартија, пишува Даниловски.

Тој додава дека можеме да заклучиме и дека народот нема доверба во институциите на власта и декао громно мнозинство на народот нема чувство за заедништво, за заеднички општествен интерес.

-Но и:
Дека нема трошка емпатија за страдањата на својот ближен.
Дека основната смисла на животот ја гледа во кафеаните, журките.
Дека образованието ни е катастрофално.
Дека, заради тоа, огромно мнозинство граѓани веруваат повеќе во теории на заговор, отколку на науката.
Ако ни е за утеха, се покажа дека тоа не е само кај нас така. Целиот Запад покажа, помалку или повеќе, исти симптоми.
Пандемијава ни ја тресна в очи вистината дека сме живееле во општества-холограми.
Но, заклучивме и дека „несреќата никогаш не доаѓа сама“!
Дефинитивно е време за тотален „ресет“, напиша доктор Даниловски.