Во пресрет на најавените Измени и дополнувања на Законот за оружје од страна на МВР, за кои Ловечката федерација на Македонија јавно и официјално се произнесе, дека истите не се во согласност со Европската директива (ЕУ) бр. 2021/555 и дека не го подржува текстот на Предлог законот за измени и дополнување на Законот за оружје изработен и предложен од работната група на МВР, г. Торбјорн Ларсон претседател Европската ловечка федерација за лов и конзервација(FACE) со седиште во Брисел која претставува 7 милиони ловци во Европа, денес упати официјално писмо до: г-дин Стево Пендаровски претседател на Република Македонија; г. Талат Џафери- претседател на Собранието на Република Македонија; г. Димитар Ковачевски-претседател на Владата на Република Македонија и г. Оливер Спасовски министер за Внатрешни работи на Република Македонија, со кое ги повика да се погрижат Законот за оружје во нашата земја да биде целосно усогласен со Европската директива за огнено оружје, информираа попладнево од Ловечката федерација.
Како што велат, во писмото, Европската ловечка федерација за лов и конзервација(FACE), ја изрази својата целосна поддршка за ставот што го зазеде нејзината членка, Ловечката федерација на Македонија, за измените на Законот за оружје, со цел да се осигура дека овој закон во оваа област е целосно усогласен со Регулативата на ЕУ бр. 2021/555, таканаречената Европска директива за огнено оружје и нагласи дека со ова ќе им се овозможи на македонските ловци да набавуваат и поседуваат огнено оружје во согласност со релевантното европско законодавство, што е од огромно значење во поглед на пристапните преговори меѓу Република Македонија и Европската Унија.
-Во писмото до највисокото политичко раководство на нашата земја, Европската ловечка федерација за лов и конзервација(FACE), го потенцира и тоа да, доколку Македонија одлучи да не се усогласува со законодавството на ЕУ во оваа област, би се позиционирала на проблематично место за кандидатура за ЕУ, бидејќи ќе биде неусогласена со другите земји-членки на ЕУ и внатрешниот пазар, стои во соопштението на ЛФМ.
извор: ЛФМ