Здружението за заштита и благосостојба на животните Анима мунди денеска преку писмено соопштение реагираше дека полициските службеници не сакаат да ги евидентираат пријавите за стрелањето по животни.
-До кога секој силеџија и социопат ќе чувствува комодитет да стрела по животни, знаејќи дека за делото нема да одговара? Или во насилството врз животните девијација, или ќе го препознаеме дури тогаш кога ќе ескалира и врз луѓе – прашуваат активистите.
Од Анима мунди информираа дека во Штип среде бел ден, во населена средина возрасен човек шета со оружје, нишани и стрела животни да ги осакати и убие, при што е сериозно повредена мачка на негови комшии.
-Куса снимка од ова лице, кое лежерно и без трошка страв пукало по што ќе му текне, кршејќи најстрого закон, ни пуштија жители од населбата, преплашени за својата безбедност , но и безбедноста на своите миленици – се додава во денешното соопштение.
Среде бел ден е предизвикана сериозна опасност на јавноста и мачени се и убивани животни, што се кривични дела за што е потребно итно постапување на надлежните и најстрога казна за сторителот – бара Анима мунди.
Според последните информации се работи за лице од населба Три Чешми од Штип, кое по кажувањата на сведоци и соседи е вработено во Територијалната противпожарна единица во Штип, со пушка усмртило повеќе мачки и кучиња.
Соседот, кој се грижел за овие маалски миленици, единственото преживеано маче го однел на Ветеринарен факултет во Скопје, при што се покажало дека во мачето завршиле дијаболи, за што сведочи и официјалниот извештај.
Од здружението додаваат дека сличен случај истиот ден е регистриран и во Виница.
-Во Виница, возач со автомобил со регистерска табличка VI 8923 AB влече врзано куче, кое нема опција освен да трча без престан, во спротивно ризикува да биде задавено. И не треба многу познавање за да се увиди она што е повеќе од очигледно, а тоа е присилување животно да биде во ситуација која е болна, исцрпувачка , која во најмала рака предизвикува чувство на немоќ и страв што е насилство врз животни. Вакво лице би било запрено од службени лица веднаш во секоја ЕУ држава, строго казнето; во Македонија не – нагласуваат во соопштението.
mms.mk