Претседателот на струшкото Здружение на Бугари „Шемето“, е пуштен на домашно лекување

Бекир Кадриески, претседател на струшкото Здружение на Бугари „Шемето“, е пуштен на домашно лекување, а министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски истакна дека случајот е брзо и ефикасно решен. Напаѓачот, како што истакна, е приведен, земени се изјави од нападнатиот и сведоците на инцидентот и на Обвинителството останува да процени и, врз проценките, да поднесе соодветен поднесок.

Кадриески за бугарските медиуми изјави дека физички бил нападнат од лице во Струга, откако го навредувал со зборовите „валкан Бугарин“.

Од струшката болница информираат дека Кадриески бил видно вознемирен кога бил примен. Му биле направени детални испитувања кои не покажале сериозни повреди, па откако му бил даден седатив, бил пуштен на домашно лекување.

Порталот Нова објави дека Кадриески бил соборен на земја, бил удиран со раце и клоци и бил навредуван со зборовите „валкан Бугарин“. Во веста на медиумот се наведува дека претседателот на „Шемето“ е државјанин на Македонија, има бугарски идентитет, но не и бугарски пасош.

Покрај медиумите во Бугарија, со реакција за случајот се огласи и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов која го окарактеризира инцидентот како брутален чин на насилство врз државјанин на „Република Северна Македонија со бугарски идентитет“.

 

novaakedonija.mk