Новите истражувања говорат дека Месечината е 40 милиони години постара отколку што мислевме

Во новото истражување, истражувачите користеле кристали кои астронаутите на мисијата Аполо во 1972 година ги донеле на Земјата за да го одредат точното време на формирање на Месечината. Нивното откритие ја зголемува староста на Месечината за 40 милиони години, на најмалку 4,46 милијарди години.

„Овие кристали се најстарите познати цврсти тела настанати по огромен удар. А бидејќи знаеме колку се стари кристалите, тие служат како основа за хронологијата на Месечината“, вели Филип Хек, кустос во Природонаучниот музеј Филд и професор на Универзитетот во Чикаго.

Кога објект со големина на Марс удри во Земјата и ја формираше Месечината, енергијата на ударот ги стопи карпите кои еден ден ќе станат површина на Месечината. „Кога површината толку се стопи, цирконските кристали не можеа да се формираат и да преживеат. Значи, сите кристали на површината на Месечината мораа да се формираат откако тој океан со лунарна магма се олади“, вели Хек. „Во спротивно би се стопиле и хемиските карактеристики би биле избришани.

Бидејќи кристалите настанале по ладењето на океанот со магма, одредувањето на староста на овие кристали од циркон би ја открило минималната можна старост на Месечината. Во најновата студија за прв пат е користена аналитичка метода наречена „томографија со атомска сонда“, која јасно ја одредува староста на најстариот познат лунарен кристал.

Кога атомот има нестабилна конфигурација на протони и неутрони во неговото јадро – тој се распаѓа така што фрла дел од тие протони и неутрони и се претвора во различни елементи. На пример, ураниумот се распаѓа во олово. Научниците утврдија колку време е потребно за овој процес и со набљудување на пропорцијата на различни атоми на ураниум и олово присутни во примерокот, можат да утврдат колку е стар.

Процентот на изотопи на олово што ги открија истражувачите укажува на старост од околу 4,46 милијарди години за примерокот. Значи, Месечината мора да биде барем толку стара.

Важно е да се знае кога е формирана Месечината, вели Хек, бидејќи Месечината е важен партнер во нашиот планетарен систем – ја стабилизира Земјината оска на ротација, поради тоа има 24 часа на ден, поради тоа имаме плимата и осеката. Без Месечината, животот на Земјата би изгледал поинаку.

Извор: vecer.press