Музичкиот проект „Македонисимо“ во Загреб, Сомбор, Нови Сад и Темишвар

Пијанистот Симон Трпчески вечерва ќе го претстави музичкиот проект „Македонисимо“ во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб, како дел од балканската серија концерти, вели Здружението „КултурОп“.

Тие синоќа настапија во Сомбор и на 26 октомври се враќаат во Србија за гостувањето на фестивалот НОМУС во Нови Сад, а серијата ќе се заокружи во Темишвар (Романија) на 28 октомври.

Маестро Трпчески минатиот месец имаше концерти со Симфонискиот оркестар на Квебек во Канада и со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло во Монако, рецитал во Мајнц (Германија), како и три настапи со Симфонискиот оркестар на Детроит.

„Македонисимо“ претставува спој на македонската народна музика со џезот и класичната музика, сплет од 23 нумери, најмногу ора и по некоја песна. Трпчески го создаде во соработка со композиторот Панде Шахов, а го изведува со Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал) и Влатко Нушев (удиралки). Светската премиера на проектот беше во Германија во 2017.

Трпчески следниот месец е на турнеја во Австралија, а до крајот на годинава следат и концертите со Лондонскиот симфониски оркестар.

 

 

sdk.mk