Покрај Камчев и брачниот пар Самсоненко, на „црната листа“ завршија и пет фирми од Северна Македонија кои се поврзуваат со нив. Меѓу нив и „Орка Холдинг“ и „Систина лајф кеар центар“, соопшти Американското Министерство за финансии.
Ратка Куноска-Камчева, која е мајка на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко се новите личности од Северна Македонија кои завршија на „црната листа“ на САД.
Сите тројца, се наведува во извештајот од американското Министерство за финансии објавен денеска, на 15 ноември, се поврзани со Јордан Камчев.
Камчев беше ставен на црната листа на САД на 19 јули годинава, како едно од лицата кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување.
Во ажурираната „црна листа“, Агенцијата за контрола на странски имоти во Министерството за финансии на САД, смести и неколку фирми поврзани со Камчев и Самсоненко:
„Бет сити интернешнал“, компанија за рекламирање, маркетинг и услуги – поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев;
„Камчев Консалтинг“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;
„Орка Финанс“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;
„Орка Холдинг“ – поврзана со Јордан Камчев;
„Систина лајф кеар центар“ – поврзана со Ирина Самосоненко.
Покрај тројцата државјани од Северна Македонија, на американската црна листа се додадени уште седум лица од земјите од регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Во однос на фирмите, пак, покрај петте од земјава, додадени се уште 15 други од регионот и од Русија.
„Русија продолжи да го користи своето влијание на Западен Балкан со цел да ја спречи интегрирацијата на регионот во меѓународните институции и организации, како и да ги користи клучните јурисдикции за да ги олесни нејзините агресивни дестабилизирачки активности“, изјави потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во американското Министерство за финансии, Брајан Е. Нелсон.
Проширувањето на листата, оцени тој, ги потврдува напорите на американската влада за промовирање на мирот стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот на Западен Балкан.
Портпаролот на Министерството за финансии, Метју Милер, пак, во изјавата посочи дека исто така санкциите се однесуваат на лица кои директно го олеснуваат руското влијание во регионот.
„Овие поединци и субјекти ги попречуваат клучните реформи и напредокот кон пристапувањето во ЕУ. Со објавувањето на овие имиња, американската влада има за дел да го промени однесувањето на инволвираните и да се бори против локалната корупција, организираниот криминал и недозволените бизниси и трговијата со влијание, што го зајакнува злонамерното влијание на Русија“, рече Милер.
Текстот во целост на:slobodnaevropa.mk