Ако изборите бидат на 8 мај, техничка влада во јануари, а распишување во февруари

Според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори би се одржале заедно на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, објави slobodnaevropa.mk.

Ако изборите се одржат споено, тогаш според Пржинскиот договор треба претходно да биде формирана и техничка Влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.

„Политичките субјекти и партите ќе треба да се усогласат околу евентуалниот датум на одржување на изборите во рамките на она што се дадени како оквири за определување на условите со Уставот и со законите во рамки во последните 60 дена од претседателски и последниве 90 дена од парлементарните – односно од мандатите на двете институции“, рече Џафери.

Се поизвесно е дека на 8 мај, ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори, според најавите на партиите.

Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски на 24 ноември изјави дека има доволно простор во мај идната година да се организираат редовни претседателски и парламентарни избори. Ковачевски најави дека на средба во Собранието во текот на декември ќе се дефинираат сите детали во однос на одржувањето на изборите.

Џафери денеска рече дека партиите се добредојдени да одржат средба во Собранието во текот на декември, како што најави премиерот Ковачевски, каде би се договор датумот за изборите.

Собранието е отворено и добредојдени се да дојдат кога ќе најават, со тоа што треба да ги имаат предвид обврските на пратениците, рече Џафери.

Најголемата опозициска партија повеќе пати го повторува ставот дека претседателските избори треба да се одржат во еден термин.

Џафери рече дела ако се претпостават шпекулациите, дека 8 мај би бил прифатлив за сите партии, тогаш роковите минимум 70 и максимум 90 дена од распишување до одржување на изборите.

Следните парламентарни избори треба да бидат 11 по ред од осамостојувањето на земјата од поранешна Југославија и воведувањето на политички плурализам.

Досега се одржани и шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.

извор: slobodnaevropa.mk