Затворени централни улици, попладне и утре без настава и без работа на државната и јавна администрација и високи безбедносни мерки за пречек на околу 1.000 гости, се дел од финалните подготовки пред Министерскиот совет на ОБСЕ, кој утре официјално ќе започне во адаптираната спортска сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, Министерскиот совет на ОБСЕ веќе го дефинираше како најголем настан во државата од осамостојувањето, и по димензии и по суштина, а Скопје како центар на светот во деновите не неговото одржување, објави dw.com.
Она што на состанокот му дава посебен белег, е што на него ќе присуствуваат и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, иако нема најава дека во Скопје би имало нивна заедничка средба.
Американскиот државен секретар Блинкен денеска од Брисел доаѓа во Скопје и попладне ќе има билатерална средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ќе присуствува и на работна вечера што на маргините на состанокот ќе биде приредена за шефовите на дипломатиите на државите-учеснички во ОБСЕ.
„За време на посетата на Северна Македонија, секретарот Блинкен ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ, реафирмирајќи ја цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога“, се неведува во најавата на Стејт департментот за посетата на Блинкен на РСМ.
Не треба да се пропушта можност за дијалог
Министерскиот совет на ОБСЕ се одржува во време на ниско ниво на доверба помеѓу земјите учеснички во Организација, што е предизвикано најмногу од руската агресија во Украина, но и од руската блокада на кандидатурата на Естонија за претседавач со ОБСЕ. На состанокот во Скопје се очекуваат одлуки за изборот на претседавач со ОБСЕ за 2024 година, за што на подготвителниот состанок во Виена е постигнат договор тоа да биде Малта, а треба да се донесат одлуки за буџетот и за кадровски именувања во институциите на Организацијата.
Но, отвореното небо за доаѓање на Лавров веќе предизвика незадоволство. Вчера во Скопје протестираше Здружението на Украинци во РСМ „Лесја Украинка“, со став дека токму такви членки како што е Руската Федерација ги доведуваат во прашање угледот и иднината на ОБСЕ. Претходно делегацијата на Украина соопшти дека нема да учествува на средбата на ОБСЕ во Скопје на ниво на министер за надворешни работи, а министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија и Литванија во заедничка изјава соопштија дека ќе го бојкотираат Министерскиот совет на ОБСЕ доколку на него присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Поранешниот амбасадор Тихомир Илиевски вели дека неговата искуствена оценка врз основа на професионалното политичко и дипломатско искуство, во прв момент води кон солидаризација со ставот на Украина и трите балтички земји, но сепак смета дека е поважно да се искористи можноста за дијалог.
„Ако повнимателно се проанализираат можностите што ги нуди овој врвен мултилатерален собир во Скопје, тогаш човек се ближи до заклучок дека таквата можност за отворен дијалог на светската демократска и прогресивна заедница, не треба да се пропушти. Може да звучи многу силно и аргументирано искажаниот став на земјите што ќе учествуваат на министерската средба за сите актуелни, горливи, па и спорни прашања што ја оптоваруваат меѓународната заедница во овие исклучително тешки години по руската инвазија врз Украина! И конечно, да не заборавиме на можноста, јасните политички пораки на отворена сцена да се пренесат во присуство на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, како и на билатералните средби со шефот на американската дипломатија“, вели Илиевски за ДВ.