Почина емирот на Кувајт, шеикот Наваф ал-Ахмад ал-Сабах

Емирот на Кувајт, шеикот Наваф ал-Ахмад ал-Сабах, почина во саботата на 16 декември, по три години на власт, објави кралскиот дворец. Имаше 86 години.

„Жалиме со голема тага … за смртта на шеикот Наваф ал-Ахмад ал-Сабах, емирот на државата Кувајт“, се наведува во изјавата што ја пренесе кувајтската државна телевизија.

Државната телевизија ја прекина својата редовна програма и се префрли на емитување рецитал од Куранот пред објавувањето на веста за смртта.

Шеикот Наваф во ноември беше примен во болница „поради итен здравствен проблем“, објави официјалната новинска агенција КУНА, која не ја прецизираше неговата болест. Неговата состојба подоцна беше прогласена за стабилна.

Со оглед на неговата возраст, неговото здравје често предизвикуваше загриженост во текот на неговиот мандат.

Во 2006 година, шеикот Наваф беше назначен за наследник на тронот од неговиот полубрат шеикот Сабах ал-Ахмад ал-Сабах, а тој ја презеде функцијата емир кога шеикот Сабах почина во септември 2020 година на 91-годишна возраст.

Тој мораше да ја води економијата низ кризата предизвикана од падот на цената на нафтата во 2020 година.

Сегашниот престолонаследник, шеикот Мишал ал-Ахмад ал-Сабах, уште еден полубрат, има 83 години и големо внимание на јавноста сега ќе биде насочено кон тоа дали семејството ќе донесе помлада генерација владетели.

Извор:slobodnaevropa.mk

фото:slobodnaevropa.mk