Денеска е промовирана веб-страницата на Системот за рано предупредување за исчезнати деца – najdime.org.mk. Системот за рано предупредување ќе споделува информации за исчезнатите по претходна потврда на пријавата во МВР. Потоа информациите ќе се насочуваат и распределуваат преку соодветните канали за комуникација, како и преку бизнис-заедницата, со која е остварена соработка, преку банкоматите на банките, дигитални дисплеи во јавниот сообраќаен превоз, комуникациските канали на такси-здруженијата, хотелите, туристичките организации, велат од здружението Новинари за човекови права како носители на проектот.
Главна цел на проектот е да се подобрат постоечките пристапи и да се изнајдат нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и заштита или зајакнување на правата на засегнатите преку размена на искуства и стекнување нови знаења. Проектот го спроведуваше Граѓанската организација Новинари за човекови права, во соработка со партнер организацијата ЕКПАТ – Австрија во периодот од 1 јули 2021 година со финансиска поддршка од австриското Сојузно министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
Организаторите појаснија во врска со функционирањето на системот дека секој и од секаде може да пријави исчезнато лице. Пријавата не се гледа во јавност, ИТ лицата кои стојат зад веб – страната ги разгледува податоците и ги пријавува во МВР. Потоа се чека повратна информација од МВТ и се објавува исчезнатото лице.
Еден сегмент од проектот е посветен и на маргинализираните групи, односно децата Роми и децата коишто доаѓаат од семејства во социоекономски ризик, односно за зајакнување на капацитетите и препознавање на предизвиците кај овие ранливи категории.
Изработката на оваа веб-страница доаѓа како брз одговор на јавноста по убиството на девојчето Вања Ѓорчевска, кое ги шокираше граѓаните и анимираше за преземање на повеќе мерки.
Министерот за образование Јетон Шаќири денеска изјави дека во таа функција има новини во е-дневникот.
„Во крајна фаза е изработката на новиот електронски дневник со кој е предвидено родителите веднаш по внесувањето на податоците од страна на професорите да имаат евиденција за присуството на учениците на час. Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање на исчезнати деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или пак детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности, децата се запознаваат со потенцијалните опасности кои ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика, веројатно ќе стануваат сè позастапени“, рече министерот на презентацијата на проектот.