Мицкоски: Колку е поголем бројот на тие кои што гласаат толку промените ќе бидат посилни

Добар ден на сите, благодарам на интересот. Денеска е посебен ден, денеска е убав ден, сончев ден, ден кога треба граѓаните да излезат и да гласаат. Ден кога сета сила е во рацете на граѓаните.

Оние малкумина 100-тина души кои што изминатиот период одлучуваа за судбината на граѓаните сега се безгласна буква, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:

Денеска граѓаните се тие кои што одлучуваат за иднината на своите семејства, иднината на Македонија, иднината на своите деца.

И затоа мојата порака денеска од овде е да се излезе, да се гласа, секој да одвои десетина минути од своето време. Бидејќи на тој начин одлучува за иднината на своите деца, своето семејство и иднината на Македонија.

Колку е поголем бројот на тие кои што гласаат толку промените ќе бидат посилни.

Затоа уште еднашка повикувам на масовна излезност и ги повикувам граѓаните да излезат и да гласаат и заеднички да ја определиме траекторијата по која што Македонија ќе се движи во иднина.