Виктор Орбан во „мировна мисија“ во Кина

0
66

Со посета на Пекинг, унгарскиот премиер Орбан ја продолжува својата самопрогласена „мировна мисија“. Неговите претходни посети на Украина и на Русија предизвикаа критики од повеќе страни.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Кина во рамките на својата самопрогласена „мировна мисија“. „Мировна мисија 3.0“, напиша Орбан во понеделникот на онлајн платформата Х над фотографијата на која е прикажан по слетувањето во Пекинг.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Орбан се среќава со претседателот Ши Џинпинг на разговори за „прашања од заеднички интерес“. Во меѓувреме, кинеските медиуми јавија дека Орбан се сретнал со Ши и меѓудругото разговарал со него и за војната во Украина. „Освен од Русија и од Украина, крајот на војната зависи од трите светски сили, САД, ЕУ и Кина“, објави, пак, Орбан на Фејсбук, над фотографијата на која се ракува со Ши Џинпинг.

Во изминатите неколку дена, унгарскиот претседател веќе имаше ненадејни патувања во Украина и во Русија. И неговото патување во Москва, Орбан исто така го опиша како „мировна мисија“.

Ова е значи трето изненадувачко патување на Орбан во странство откако Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на почетокот на јули. Тој претходно ги посети Киев и Москва. Неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин неколку дена откако Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ, предизвика критики од ЕУ и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Белата куќа исто така изрази критика. Орбан рече дека признава дека нема мандат од ЕУ да патува во Москва, но дека мир не може да се постигне „од удобна фотелја во Брисел“.

И покрај војната во Украина, унгарскиот премиер продолжува да одржува блиски односи со Москва и се противи на заедничката позиција на ЕУ. Тој постојано ги блокираше и одложуваше санкциите против Русија и финансиската помош на ЕУ за Киев. Тој, исто така, го критикуваше отворањето на пристапните преговори на Украина со ЕУ.

За време на десничарската влада на Орбан, Унгарија стана и важен трговски и инвестициски партнер за Кина. Ова е во спротивност на другите земји од ЕУ кои бараат помала зависност од втората по големина економија во светот.

DW