На денешен ден во леринско убиен македонскиот војвода Чакаларов со извици „го нема Чакаларов, ја нема Македонија“

0
100

Убиството се случило во текот на Балканските војни (1912-1913), во близина на селото Бел Камен, Леринско, во борба против грчката војска. Загинал Васил Чакаларов, македонски војвода и деец на ВМРО, учесник на Смилевскиот конгрес (1903) и во Илинденското востание (1903).

Чекаларов е роден во 1874 година во село Смрдеш, Костурско. Учел во грчко основно училиште, а на негово инсистирање татко му го префрлил да учи во бугарско егзархиско училиште. Завршил четврто одделение и паралелно работел со својот татко на градби низ Егејска Македонија и Грција. Во 1894 година бил затворен во костурскиот затвор, но успеал да избега и да се засолни во Бугарија. Таму работел како чевлар, каменоделец и sидар, а во Шумен завршил вечерна гимназија.

Во 1901 година Чакаларов се преселил во Софија, каде што станал претседател на Костурското добротворно друштво, кое било дел од Македонскиот комитет. Таму учествувал во активностите на Комитетот и станал близок пријател со тогашниот претседател на МК, Борис Сарафов. Бил врховист, но кога увидел дека врховистите се борат за Бугарската егзархија, се префрлил во ТМОРО.

Во Бугарија ја помага и револуционерната активност и на Македонската револуционерна организација. Заедно со Лазар Киселинчев создавал канали за купување и пренесување оружје од Грција за потребите на Организацијата.

По избувнувањето на Иванчовата афера од 1901 година Чaкаларов бил испратен од Битолскиот окружен револуционерен комитет да им помогне во работата на Пандо Кљашев и Лазар Москов во Костурската револуционерна околија. Тогаш тој убил еден гркомански шпион од селото Д’мбени.

Во почетокот на 1902 година, Гоце Делчев бил во инспекција низ Костурско и одлучил во околискиот комитет да влезат Кузман Стефов, Лазар Поп Трајков, Лазар Москов, Пандо Кљашев и Михаил Николов, додека Чакаларов и понатаму бил задолжен за набавка на оружје од Грција.

Организацискиот собир го осудил Коте Христов, познат како Коте од Руља, на смрт поради арамиство, а Чакаларов побарал веднаш да се исполни пресудата, но Коте бил помилуван од страна на Гоце Делчев.

Во август здружените костурски чети, на чело со Чакаларов, имале борба со Коте Христов во селото Оштава. Во почетокот на септември Чакаларов и раководното тело го спречиле полковникот Атанас Јанков и Коте Христов да предизвикаат востание во костурскиот регион.

Подоцна Чакаларов разоткрива и гони врховистички четници по селата и организирал бомболеарница во селото Смрдеш. На 13-14 март 1903 година, тој ги убедил жителите на селата Врбник и В’мбел да се откажат од Патријаршијата и да се потчинат на Егзархијата. На 20 март во Черешница се сретнал со четата на Борис Сарафов, а селото исто така преминало кон Егзархијата.

На 28 март, истата година, Чакаларов бил опколен од турскиот аскер во Смрдеш, но со поддршка на селските чети успеал да се извлече. Во средината на април пристигнал во Смилево, Демирхисарско, за претстојниот конгрес. Таму, Чакаларов и Пандо Кљашев ја претставувале Костурската револуционерна околија. На 24 април во Златари, Ресенско, тој заедно со Пандо Кљашев, Иван Попов и Митре Влаот имале борба со турскиот аскер.

Казни за предавниците

На 2 август по нов односно 20 јули (според стар стил), Илинденското востание се кренало и во Костурско и имало околу 2.000 востаници. На 23 јули е заземена Клисура. На 28 јули четите на Лазар Поп Трајков и Васил Чакаларов имале борба со турскиот аскер, а на 29 јули кај селото Д’мбени имале борба со турската војска која траела 6 часа, по што Турците се повлекле во Костур.

На 12 август, по голема борба, предводена од Чакаларов, била заземена Невеска, но востаниците веднаш потоа морале да се повлечат. После многу борби на 27 август е донесено решение за повлекување на четите од Костурско, за да се заштити населението од 15.000 аскер.

Во екот на востанието Чакаларов бил иницијатор за испраќање на мемоар во име на костурски претставници за турските sверства во Костурско. Мемоарот на 30 август бил испратен до странските дипломатите во Битола. Васил Чакаларов предводел здружена чета од 450 души.

 

denesen.mk