Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред новинарите, пред почетокот на главниот состанок на Самитот на НАТО во Вашингтон, ниту еднаш не ја употреби придавката „Северна“. Напротив повеќепати ги потенцираше термините македонска влада, македонски народ, македонски граѓани. Меѓудругото, во обраќањето наведе дека како досега така и во иднина, како држава ќе го промовираме мирот и ќе си ги исполнуваме обврските како земја членка на НАТО.
„И ние ќе го дадеме својот придонес, Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите како македонска влада сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Грчкиот премиер Мицотакис, иако најавуваше, сепак во обраќањето пред медиумите, не го отвори прашањето со Македонија за исполнување на обврските од Преспанскиот договор. Ниту во неговата денешна агенда не е придвидена официјална средба со Мицкоски. Но во текот на денот, покрај состанокот на самитот на НАТО, ќе вечераат на иста маса, па уште еднаш може да се сретнат лице в лице со македонскиот премиер.
За разлика од Мицотакис, бугарскиот премиер Главчев, одговарајќи на новинарско прашање обелодени дека имал кратка средба со Мицкоски. Траела три минути. Со ставовите биле на иста бранова должина. Кажа дека се согласиле дека е неопходно намалување на напнатоста меѓу Македонците и Бугарите, па и почитување на договорот за добрососедство, потпишан во 2017тата година.