На денешен ден од бугарските фашисти убиена е Вера Циривири Трена во Штип, во Кратово е роден Павел Шатев

0
87

 

На 15 јули 1944 година бугарските фашисти во Штип ја убиле Вера Циривири-Трена.

Таа е првоборец и активен учесник во НОБ. Родена е во 1921 година во Прилеп.

 

На 15 јули 1882 година во Кратово е роден Павел Шатев, македонски револуционер, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори познати како Гемиџии, крунски сведок што останал да раскажува за она што се случувало во Солун пролетта 1903 година.

Животот на  Шатев е многу бурен и мачен. Тој бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада и една од првите жртви на комунистичката тортура. Поради несогласување со повоената државна политика бил отстранет од политичката сцена, осуден на тивка смрт од комунистичкиот режим. Умрел во Битола на 30 јануари 1951 година, каде што е и погребан, бидејќи тогашните комунистички власти не дозволиле дури и последното испраќање да му биде во родното Кратово.

Шатев се школувал во родниот град, прогимназија завшил во Скопје, а во 1900 година матурирала во Солун во машката гимназија.

Токму во Солун се приклучил на Гемиџиите кои во април 1903 година ја изведуваат својата акција, копнеејќи за еден поинаков свет и Македонија, без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев бил задолжен да го дигне во воздух со динамит францускиот брод Гвадалкивир, во што и успеал – бродот бил дигнат во воздух од експлозијата, а сите патници навреме предупредени и спасени.

Поради тоа на судскиот процес на 6 јуни 1903 година бил осуден на смрт. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Африка.

Во 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно доаѓа во Солун. Но, по кусиот престој во Македонија, заминал во Брисел каде студирал на Правниот факултет.

Во текот на Првата светска војна бил мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација бил избран за нејзин претседател. Тој воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува разузнавач за СССР.