Јаневска: Нови политики за талентираните деца, и обезбедување поголем буџет за нив

Менување на политиките за талентираните деца и обезбедување поголем буџет за нив, промени што ќе се случат наскоро, најавува министерката за образование и наука Весна Јаневска по новиот успех на македонски ученици на меѓународен натпревар. Од штотуку завршената 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024) во Велика Британија, шест македонски ученици се враќаат со еден златен медал, два бронзени и три пофалници.

Златниот медал го освои 16-годишниот Дамјан Давков од Штип, кому ова му е второ злато на ИМО од пет учества на кои ја претставува нашата држава, на кои досега има освоено и два сребрени медала и една пофалница. На Олимпијадата по математика, која од 11 до 22 јули се одржа во британскиот град Бат, бронзени медали освоија Леонид Тодороски и Алексиј Тасиќ, а пофалници добија учениците Бранко Јангеловски, Ивано Божиновски, Никола Цветаноски.

Честитајќи им го успехот, министерката Јаневска истакна дека МОН и Владата почнуваат да ги менуваат политиките кои ќе значат грижа и посветеност кон талентираните ученици.

– Ќе ги смениме законите и ќе обезбедиме поголем буџет. Покрај паричните награди кои ги добиваат за освоено прво, второ или трето место, идентично како што дефинира Законот за основно образование, така ќе предвидиме можност за надомест на патните трошоци и котизацијата за учество на олимпијади/натпревари и за средношколците, со цел во иднина ниту тие, ниту некои нови суперталентирани деца, ниту нивните семејства и наставници – ментори, да немаат грижи како досега – дали ќе стигнат до таму. Веќе работиме на новото законско решение, објави министерката Јаневска на Фејсбук.

 

denesen.mk