29 години од атентатот на Киро Глигоров

0
8

Дваесет и девет години од атентатот врз Киро Глигоров. 3 октомври 1995 година во 9:50 часот, автомобил бомба експлодираше на улица Македонија, токму во моментот кога Глигоров, од неговара резиденција на водно се движел кон Собранието.

Истрагата која следеше покажа дека 20 килограми експлозив бил скриен во автомобил марка „цитроен ами 8“ кој бил активиран со далечински управувач а пред експлозијата, службеното возило со кое се возел претседателот, го забавило друг автомобил. Со тешки повреди на главата, Глигоров итно беше пренесен во Клиничкиот центар. Успеа да го преживее атентатот но загинаа неговиот возач како и еден случаен минувач. Повредени беа три лица.

29 години од атентатот, останува непознато кој сакаше да го убие првиот претседтел на независна Македонија. Истрагата која се води против непознат сторител се уште е отворена. Но досега е утврдено само дека обидот за убиство бил добро подготвен и организиран, а голема среќа е што Глигоров успеал да преживее. Во периодот кој следеше во јавноста се ширеа разни теории за можниот нарачател, од македонска организација со седиште во Австралија, преку бугарската „Мултигруп“ па се до службата на безбедност на Југословенската армија.

Но, речиси 3 децении од атентатот, нарачателите и извршителите се уште не се познати иако првичните изјави од МВР и тогашниот министер за внатрешни работи, делуваа оптимистично. Во деновите кои следуваа по атентатот, претреси биле направени на преку 30 илјади возила и повеќе од 15 илјади објекти. Полицијата имала и голем број разговори со лица за кои сметале дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

Киро Глигоров, стана претседател на 73 години, откако претходно речиси 50 години помина во Белград на најодговорни функции во поранешната СФРЈ. На 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието на Република Македонија, со 114 гласови “ЗА“ , Глигоров беше избран за прв претседател на Македонија. По усвојувањето на новииот устав, Глигоров упатил писмо до шефовите на странските држави и влади со барање да ја признаат независноста на Република Македонија.

На 7 април 1993 земјава стана полноправна членка на обединетите нации. Во текот на октомври 1994 година во Македонија по прв пат се одржаа претседателски избори. Глигоров, како кандидат на СДСМ, повторно беше избран за претседател со освоени 52,4% од гласовите. На функцијата остана се до 1999 година.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 -та на 94 години.

извор: ТВ 24