До Солун со 200 километри на час, за 2,5 милијарди евра

0
11

Министерот за транспорт, Александар Николоски, не се откажува од идејата за изградба на брза пруга во Северна Македонија. Идејата е да се патува од Скопје до Солун со 200 километри на час, што ќе биде добро и за македонската економија , но и регионалното поврзување. Идејата е да се направи триаголник кој ќе го поврзе Скопје со брзата пруга.

„Мислам треба да одиме по наједноставниот терен, а тој би бил од Табановце, па да се спушти под Куманово до Свети Николе, потоа Штип, Радовиш, Струмица и да се врзе на Миравци, Гевгелија и Солун. Секако треба да се направи триаголник кој ќе го поврзе Скопје со брзата пруга“, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за поткастот „Каде се парите”.

Допрва требаа да се направи физибилити и предфизибилити студија. Николоски очекува од студиите да се добие одговор кое решение е најприфатливо.

Брза пруга би чинела околу 2,3 до 2,5 милијарди евра
Проценките се дека брза пруга би чинела околу 2,3 до 2,5 милијарди евра, а за да биде оперативна, од почеток на градба до прва операција на воз, би биле потребни околу 5 години.

„Во однос на финансирањето знам дека нема да бараме пари од Кина, Русија и Саудиска Арабија. Ако ЕУ сака да ја финансира е добродојдена, но прво мора да го обезбедиме финансирањето пред да почнеме да ја градиме“, вели Николоски.

Тој ваквата идеја ја презентираше и неодамна на состанок со министрите за транспорт на земјите од ЕУ, каде потецираше дека изградбата на брза пруга Скопје-Солун со 200 километри на час, треба целосно да ја промени економијата на Македонија и да ја поврзе земјата со главните пристаништа, а на север со Централна Европа. Според министерот, постоел проект за брза пруга од 1978 година со четири линии.

Пругата на Коридор 10 е приоритет
Според Николоски, пругата на Коридор 10 е приоритет и затоа ќе ги вложат сите напори оваа пруга да биде извор на приходи за државата и целата економија. „За да нема застој во железничкиот транспорт, паралелно ќе ја реконструираме пругата од Табановце до Гевгелија, а во исто време ќе работиме и на изградба на нова пруга на Коридор 10“, рече тој во поткастот „Каде се парите”.

Проект за реконструкција има, а тој предвидува брзина на возовите од 80 км за карго превоз и 120 км за патнички превоз. Проценетата вредност би изнесувала околу 250 милиони евра и ќе се изврши комплетна реконструкција на потегот Табановце-Гевгелија.

„За 2 до 3 години ќе ја реконструираме целата делница од Табановце до Гевгелија. Проект имаме, ЕУ дава позитивни сигнали да финансира преку ИПА 3 компонентата од каде би можеле да добиеме околу стотина милиони евра, а околу 150 милиони евра треба да ги обезбедиме од домашниот буџет. Реконструкцијата подразбира целосна смена на пругата, реконструкција на седум моста, добро е што има постојана електрификација и ќе се постави ИТС систем. И ова е реално и вака мораме да правиме паралелен процес додека градиме нова пруга за да не ни се случи примерот со Србија, кога карго превозот запре додека вршеа реконструкција на пругата Белград – Ниш”, вели Николоски.

 

DW