Косово во центар на европската дебата за носење хиџаб

0
8

Ученичка во средно училиште во Косово е суспендирана затоа што одбила да си го отстрани хиџабот, традиционалната муслиманска марама која е „жешка“ тема во Европа во последниве години.

Локалните образовни власти и средното училиште „Бедри Пејани“ во Пеќ, град во западно Косово, рекоа дека тие само ја спроведуваат уредбата од 2014 година на косовското Министерство за образование, наука, технологија и информации, со која се забранува учениците да носат верска облека во основните и средношколски простории.

Но, критичарите, вклучително и Исламската заедница на Косово, тврдат дека училиштето и локалните власти погрешно ја протолкувале таа уредба, за која велат дека е нејасно формулирана и дека ги повредува правата на 18-годишно девојче бидејќи и го ускратува правото на образование.

По пријава во полиција од страна на семејството на младата жена, локалното обвинителство во Пеќ истражува дали се повредени правата на ученичката.

За време на разговорот за укинување на суспензијата, Насер Гега, началник на огранокот на Дирекцијата за образование во Пеќ, за косовскиот сервис на РСЕ изјави дека ученичката, која во косовските медиуми се нарекува само „А. Д“, иако нејзиното целосно име и е познато на редакцијата на РСЕ, сè уште не се вратила на часови.

„Решение“ се очекува за неколку дена, вели Гега.

 

slobodnaevropa.mk