Во Словачка, министерката за здравство Зузана Долинкова поднесе оставка. Таа припаѓа на партијата Гласот на претседателот, умерена сила во популистичката левичарско-десничарска влада на премиерот Роберт Фицо.
Нејзината оставка дојде по само единаесет месеци на функцијата. Таа ја оправда со разликите во ставовите за буџетот кој предвидува длабоки кратења во здравствениот систем. Одлучувачки фактор можеби беше извештајот презентиран пред една недела од владиниот претставник за истрагата за пандемијата на Ковид, Петер Котлар.
Во него, тој не само што ја доведува во прашање самата пандемија, туку бара и забрана на вакцинирање со иРНК вакцините развиени од западните компании како Бионтек/Фајзер и Модерна. Експертите му противречат. Според нив, овие вакцини помогнале значително да се намали бројот на смртни случаи од вирусот и последиците од пандемијата.
Токму тоа го негира Котлар. „Најсериозната последица од целата фиктивна операција наречена пандемија Ковид-19 е загрозување на здравјето на луѓето и потврдување на наивноста на светската популација да биде потсвесно послушна“, изјави тој при претставувањето на својот извештај.
Противниците на вакцинацијата на власт во Братислава
На пример, Котлар, член на владејачката Словачка национална партија, се огласи на Јутјуб за време на пандемијата и беше против тогашните владини мерки и вакцини против Ковид. Ова му донесе значителна популарност, што му помогна да влезе во парламентот.
За неговото заговарање на забрана на иРНК вакцините Котлар доби поддршка од самиот премиер Фицо „Сите знаете дека јас лично отсекогаш сум бил против вакцинација со експериментални вакцини против Ковид“, рече Фицо во обраќањето до нацијата објавено на Фејсбук за време на викендот. Тој додаде дека има „многу познаници“ кои имале значителни здравствени проблеми по примањето на вакцината за Ковид-19. И тој го повика Котлар да открие кој се збогатил во Словачка „со непотребното купување медицински материјали и вакцини“.
Висока смртност за време на пандемијата
Словачка беше меѓу најтешко погодените земји во светот во однос на бројот на смртни случаи поврзани со пандемијата. Во оваа централноевропска земја-членка на ЕУ со пет милиони жители, како последица на коронавирусот починаа 21.000 луѓе.
Недовербата доведе многу Словаци да ги одбијат западните вакцини и нивна желба да се вакцинираат само со руската вакцина Спутник. Во пролетта 2021 година, тогашниот премиер Игор Матовиќ испрати владина делегација во Москва заради обезбедување резерви на Спутник. Но, откако ЕУ не ја призна руската вакцина, таа на крајот не беше прифатена во Словачка и дозите на вакцината мораа да бидат уништени.
DW