Намален бројот на нелегални влегувања во Германија

Во првите три недели по почетокот на стационарни контроли на сите германски копнени граници, полицијата открила околу 13 отсто помалку неовластени влегувања отколку во трите недели претходно. Ова го покажуваат прелиминарните податоци на Сојузната полиција до кои дојде новинската агенција ДПА.

Одговорот на сојузната влада на прашање од левичарската пратеничка во Бундестагот, Клара Бингер, покажува дека од 16 септември до 6 октомври полицијата наишла на 3.464 странци на копнените граници кои сакале да влезат во земјата без дозвола. Од нив 2.073 биле вратени директно на граница. За споредба: од 26 август до 15 септември имало 3.984 неовластени влезови и 2.353 вратени лица.

Контроли на сите граници од средината на септември
Од 16 септември, Сојузната полиција ги проверува копнените граници со Франција, Луксембург, Белгија, Холандија и Данска по наредба на министерката за внатрешни работи Ненси Фезер. Контролите на границите со Полска, Чешка и Швајцарија се во сила од средината на октомври 2023 година, а на германско-австриската копнена граница од есента 2015 година.

Иако не се проверува секој патник, секој може да очекува да биде проверен.

Левичарската политичарка Бингер, која ги побара податоците од сојузната влада, ја повика Фезер да ја прекине контролата на внатрешните граници. „Таа нема да победи во политичкиот натпревар со десничарите за тоа кој наводно подобро ги чува границите“, изјави Бингер.

Во Шенген-зоната не се предвидени гранични контроли. Министерката за внатрешни работи Фезер пред Европската комисија ја оправда наредбата за стационарни контроли наведувајќи дека има нерегуларна миграција и заради заштита од исламистички терористи и прекуграничен криминал.

Во Европа пристигнуваат помалку мигранти
Една од причините зошто е намален бројот на неовластени влегувања е секако и тоа што во Европа во последните месеци нерегуларно пристигнуваат помалку мигранти. Според агенцијата на ЕУ за заштита на границите Фронтекс, бројот на недозволени преминувања на надворешните граници на Европската унија се намалил за 42 отсто – на околу 166.000 во првите девет месеци од оваа година.

Според Фронтекс, падот на централната медитеранска рута од Северна Африка кон Италија и Малта бил особено голем и изнесува минус 64 проценти. 79 отсто помалку луѓе дошле преку западнобалканската рута, што може да се должи на поинтензивните контроли во Романија и Бугарија.

Од друга страна, Фронтекс забележува значително зголемување на бројот на мигранти на западноафриканската рута, која често е многу опасна за нив и завршува на копно во Шпанија или на Канарските острови.

 

DW