Ахмети со нов притисок врз Уставниот суд

Али Ахмети од Шуто Оризари со порака: ако се допре албанскиот јазик сите Албанци ќе се кренат на нозе. Вака ДУИ ја соопшти главната порака на партискиот претседател, искажана на синоќешната средба со граѓани во Шуто Оризири.

„Вечерва на средбата со народот организирана од огранокот на ДУИ во Шуто Оризари разговаравме за понижувањата, отпуштањата на Албанците, обидите за укинување на албанскиот јазик, балансерот и поништувањето на сите достигнувања на Албанците пред очите на прекршителите на волјата на Албанците од ВЛЕН. Но, лидерот Али Ахмети ги увери членовите, симпатизерите и граѓаните дека по никоја цена нема да толерираат уништување на достигнувањата постигнати со многу жртви“, се вели со соопштението на ДУИ.

Не е првпат Ахмети да реагира со критики до партиите (ВМРО-ДПМНЕ или ВЛЕН) во врска со постапки/одлуки што се во друга надлежност – на Уставниот суд. После писмата упатени до „високи меѓународни лидери“, на 28-ми октомври тој испрати писмо и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое за дотогашните одлуки на Уставниот суд наведе дека се одлуки „кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија (ВМРО-ДПМНЕ-н.з.) за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците“.

„Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците, а таков развој може да ги поткопа придобивките и да ја врати земјата во периоди на несигурност“, порача тогаш Ахмети.

Одење по тенка линија
Извори од Европскиот фронт не сакаат да додаваат повеќе од она што го кажал Ахмети повеќе пати на таа тема, вклучително и со синоќешната порака. Аналитичари сметаат дека тој ја користи и ќе ја користи темата како алатка за мобилизација во корист на ДУИ и нејзиниот рејтинг, за дополнително да се факторизира во фонот на темите за предвремени избори и да рефлектира масовна поддршка на политиките на ДУИ.

 

 

DW