Турците во Македонија не ги признаваат резултатите од пописот

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија не ги признава и не ги прифаќа објавените бројки и проценти за турците во пописот и истите ги означи за нерелани, објави Телма. 

Оттаму велат дека во текот на процесот многу пати го изразиле нивното незадоволство околу методологијата, недостатоците при пописот, недоволен број на турци попишувачи и инструктори, прекини и со денови нефункционирање на апликацијата за попишување во земјава и во странство, проблемите со преводот и недостатоците во софтверот, недоволна информираност на населението за пописот, притисоците и манипулациите на терен и фактот дека многу граѓани не се избројани односно попишани.

„За горенаведените проблеми, пропусти и забелешки беа информирани сите надлежни институции, органи и претставништва на странски мисии во нашата држава. Нашите барања беа занемарени и игнорирани. Ваквиот пристап на надлежните институции го засенија целокупниот пописен процес.

Доколку беа земени предвид нашите барања и забелешки согласно Уставот и законите, првично од Државниот завод за статистика, ќе беа решени повеќе од горенаведените проблеми и пропусти. За жал овој Попис ќе се памети како занемарен од надлежните институции со многу неодговорени прашања и игнорирање на нашите барање. Од горенаведеното може да се заклучи дека се повредени правата на турскиот народ кој е еден од државнотворните народи на РСМ и еднаков со другите”, истакнаа од Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија.

Текстот во целост на: Телма.