Путин сака да го заврти извозот на енергија кон Азија

По заканите со бојкот од страна на Западот, рускиот претседател Путин најави вртење на извозот на нафта и гас во Азија.

Русија сака да го заврти извозот на нафта и гас кон исток. Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Русија би морала да создаде неопходна инфраструктура за да го зголеми неколкупати својот извоз во Кина и Азија. Во текот на владина седница која беше пренесувана на телевизија, Путин рече: „Вчудовидувачки е што таканаречените партнери од непријателски земји самите признаваат дека нема да можат да излезат на крај без руските енергетски ресурси.“

Европа, според него, ги туркала цените во височина и го дестабилизирала пазарот, со тоа што зборувала дека ќе ги прекине испораките на енергија од Русија.

Обидите да се најдат алтернативи за руските испораки на гас ќе бидат „прилично болни за иницијаторите на ваква политика“, рече Путин.

Ако енергијата во Европа се увезува од земји како САД, потрошувачите ќе мора да плаќаат скапо. Тоа „ќе се одрази на животниот стандард на луѓето и ќе влијае врз конкурентноста на европската економија“, рече рускиот претседател.

Четириесет проценти од земниот гас во Европа доаѓа од Русија. Во делот на нафтата тој процент е 25. Русија учествува со 10% во глобалното производство на нафта и во овој дел трпи значителни загуби поради западните санкции.

Приходите од извозот на нафта се едни од најважните приходи за владата во Москва. Европа досега беше најважен извозен пазар за Русија. Најголемиот дел од руските гасоводи водат во Европа.