Ковачевски во Александрyполи: Со стратешки проекти инвестираме во енергетска независност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се обрати на свечената церемонија на започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи, Грција.

Премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис, претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, како и со претседателот на Европскиот совет,  Шарл Мишел во своите поздравни обраќања ја потенцираа важноста од овој мега енергетски проект.

На свечената церемонија присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:

„Почитувани,

Во мое име, во име на Владата и во име на сите граѓани на Република Северна Македонија, упатувам честитки за почетокот на работите на Терминалот за течен гас во Александруполи.

Ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката. Ова е проект за долгорочна енергетска независност и за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време.

Заедно со гасната централа за производство на електрична енергија, како втора фаза од овој голем проект, се обезбедува електро-енергетски капацитет со најсовремена технологија за производство и снабдување со електрична енергија.

Тоа значи обезбедување на капацитети во електроенергетскиот систем во регионот за стабилно снабдување со електрична енергија.

Северна Македонија, во овој проект учествува со договор за резервација за одреден капацитет за течен гас од Терминалот во  Александруполи.

Во тек се и подготовките коишто ќе овозможат и наше директно вклучување во изградбата на гасоводот со што нашата земја ќе биде поврзана со овој значаен енергетски капацитет.

Со интерконекторот во Грција, кој е во фаза на реализација, ја заокружуваме сета потребна инфраструктура за да се заврши и секундарната гасна мрежа која ќе го донесе гасот до граѓаните и стопанството во Северна Македонија.

Обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до намалени трошоци, но и до намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Северна Македонија.

Користењето на нови извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки интереси.

Гасниот терминал во Александруполи е од огромно значење за регионот и од аспект на диверзификација и поголема сигурност во снабдувањето со природен гас со отворањето на овој  дополнителен гасен коридор.

Јужниот коридор ја намалува зависноста од досега единствениот канал на доток на гас од Русија.

Поточно, со овој проект наместо во нашата држава да биде присутен само еден извор на гас, сега е отворена можноста да влезе и снабдување од повеќе различни извори, како гасот од Соединетите Американски Држави, Блискиот Исток и други земји. Ова значи сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи и диверзификација на изворите што нашата држава ќе ја направи енергетски независна.

Сето тоа ќе влијае и на намалување на цената на гасот како енергенс  за индустриските и енергетски капацитети во нашата држава.

Терминалот за течен природен гас е од огромно значење и за развојот на енергетскиот сектор во регионот преку енергетската поврзаност на земјите од Централна и Југоисточна Европа.

Тоа е чекор повеќе кон поврзувањето на енергетските системи и понатамошна интеграција на пазарот на енергија во целиот регион.

Реализацијата на овој проект отвора потенцијали за инвестирање во изградба на други енергетски објекти и севкупно да се подобри конкурентноста на регионот.

Самиот проект е прогласен за Проект од посебен интерес за Европската Унија за природен гас.

Учеството на Северна Македонија во овој мега проект, ни ја обезбедува привилегијата да станеме партнери во реализацијата на стратешките енергетски интереси на Европската Унија.

Сакам на сите граѓани на Северна Македонија, меѓутоа и на граѓаните на регионот да им испратам порака дека ова се кризни времиња, ние како премиери и претседателот на Србија, тоа што сме сите заедно овде испраќаме порака дека во тешки времиња пријатели и соседи треба да бидат заедно да се помагаат и во таа прилика го истакнувам моето огромно задоволство од многу честите контакти кои ги имавме и на дневно ниво со претседателот Вучиќ, со премиерот Мицотакис во делот на обезбедување на потребните енергенси во текот на зимата, меѓутоа и во делот на непречено снабдување, транспорт и трговија на храна помеѓу нашите три држави.

Ви благодарам и посакувам успех во натамошната реализација на овие инвестиции за наша енергетска сигурност и просперитетна иднина на регионот“.