Вучиќ од Охрид: Ова е иницијатива на луѓето од Балканот кои сами треба да ги решаваат проблемите

0
292

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на почетокот на средбата на лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид истакна дека тоа е иницијатива на луѓе од Балканот и изрази уверување дека повеќе граѓани на Македонија , Србија и Албанија и другите земји од регионот би го поддржале.

„Ова е наша иницијатива, иницијатива на луѓето од Балканот, оние кои разбираат дека мора да се поврзат и дека треба сами да ги решаваат проблемите. Се што направивме, и во економијата и се што е важно за граѓаните, се рефлектира во односите меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија. Речиси немаме билатерални отворени прашања, немаме никакви барања кон никого, освен да бидеме пријатели и да работиме за доброто на граѓаните“, рече Вучиќ.

Тој особено му се заблагодари на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, што дојде на митингот да ја поддржи иницијативата.

Вучиќ исто така побара работни групи помеѓу земјите што е можно побрзо.

„Да формираме работни групи веднаш, или на следната средба, за која предлагам да биде некаде во јужна Србија, пред големиот самит во Белград кон крајот на летото. Да формираме работни групи коишто ќе се погрижат околу тоа, како да ги надминеме тешкотиите со снабдувањето со храната и од областа на енергетиката, како и меѓусебно да си помогнеме да ја преживееме зимата. Доколку сакаат да учествуваат во формирањето на работните групи, во тие договори добредојдени се и претставници на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Приштина“, рече Вучиќ.

 

вечер.мк