Ковачевски на одбележување на 30 години од КХВ: Финансискиот систем успешно одговори на кризата, подготвен е да се справи и со натамошни предизвици

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод одбележувањето на 30 години од основањето на Комисијата за хартии од вредност.

Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски.

„Со исклучително задоволство ја прифатив поканата да учествувам на одбележувањето на јубилејот – 30 години од основањето на Комисијата за хартии од вредност.

Комисијата за хартии од вредност уште на почетокот на создавањето на националниот и независен финансиски систем во нашата земја, си го зазеде своето место и го дава својот значаен придонес во функционирањето на државата.

Финансискиот и монетарниот суверенитет се основните компоненти на вкупниот суверенитет на секоја држава. Со донесување на пакетот закони од овие области во Собранието на Република Македонија во текот на 1992 година, се постави институционалната рамка за долгорочен и стабилен финансиски систем.

Во тој систем се вгради и улогата на Комисијата за хартии од вредност којашто е основана на 19 јуни 1992 година со одлука на Владата на Република Македонија.

Денес, 30 години подоцна, Комисијата за хартии од вредност е самостојно и независно регулаторно тело кое успешно ја остварува својата мисија: Да ги заштити инвеститорите; Да се грижи за создавање и одржување на фер, сигурен, транспарентен и ефикасен пазар на хартии од вредност и да го олесни привлекувањето на капитал со што придонесува кон економскиот раст и развој на државата.

Тоа е особено значајна мисија којашто е дел од заложбите на владините политики за создавање и одржување на пазарно опкружување кое ја оправдува довербата на инвеститорите и се карактеризира со транспарентност и интегритет.

Комисијата за хартии од вредност, заедно со Министерството за економија, Народната банка, Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност, учествуваше со значаен инпут во креирањето на Стратегијата за развој на финансискиот пазар, што на предлог на Министерството за финансии ја усвои Владата на Северна Македонија.

Со оваа стратегија имаме за цел да го динамизираме пазарот на капитал и да достигнеме развиеност на ниво на просекот во ЕУ. Како индикатори за достигнување на оваа цел на стратегијата се нивото на пазарна капитализација, ликвидноста на пазарите на капитал, структурата на изворите за финансирање на проектите кај компаниите, структурата на инвестициските портфолија на индивидуалните инвеститори и нивото на финансиска едукација.

Улогата на финансиските пазари во сите земји е многу важна за економскиот раст. Фокусот на нашите економските политики се инвестициите, па оттука и развојот на пазарот на капитал е значаен долгорочен економски фактор којшто влијае врз обемот на производство и вработеноста.

Покрај мерките за проширување на понудата на инструментите на пазарите на капитал, Стратегијата предвидува мерки за зголемување на побарувачката на хартиите од вредност, што се постигнува преку зголемување на атрактивноста на финансиските инструменти, олеснување на регулаторните ограничувања и подигнување на свесноста и финансиската едукација на учесниците.

Финансискиот систем во Република Северна Македонија во последните три години е исправен пред сериозни предизвици кои се предизвикани од надворешни, глобални влијанија.

Во 2020 и 2021 година беше од исклучителна важност да се одржи стабилноста на финансискиот сектор во време на ковид-кризата.

Заради фактот дека финансиите се крвотокот на економијата, односно двигател на економските активности наша првенствена задача беше да се одржи реалниот сектор, вклучително и компаниите што котираат на берзата.

Во услови на пандемија, Владата континуирано издвојуваше дополнителни средства за поддршка на компаниите и зачувување на ликвидноста.

Финансискиот систем успешно одговори на заканите од ковид-кризата и е подготвен да се справи и со натамошни предизвици. Финансиските регулатори, меѓу кои и Комисијата за хартии од вредност, внимателно ги следеа состојбите, ги приспособуваа своите политики и учествуваа во одржувањето на финансиската стабилност.

Дури и во такви услови македонскиот пазар на капитал го одржа континуираниот раст.

Според извештаите за минатата година прометот на берзата за првите осум месеци беше повисок за 41,05% во однос на оној реализиран во истиот период во 2020 година. И МБИ 10 индексот во тој период бележи постојан раст од 24,12 %.

Оваа година, како во сите земји во светот глобално, војната во Украина предизвика одредени негативни трендови на берзите, но поради малиот обем на тргување со хартии од вредност од руски компании, немаше посериозно негативно влијание на тргувањето со акции на Македонската берза.

Секако, заради неизвесноста од текот на војната, се очекува оваа тема да продолжи да биде од интерес и соодветно на тоа за одбележување е определбата на Комисијата за хартии од вредност да продолжи будно и со внимание да ги следи и анализира пазарните состојби и, доколку е потребно, да ги презема сите неопходни мерки за нормално и тековно функционирање на пазарот на капитал.

Од своја страна Владата, за амортизирање на ценовните шокови предизвикани од пандемијата и воениот конфликт во Украина, издвои речиси 615 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и за финансиска поддршка и ликвидност на компаниите преку Развојната банка. Претходно беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, се сочуваа над 80.000 работни места и беа поддржани над 20.000 компании. Во текот на претстојниот период предвидуваме нов пакет антикризни мерки вреден близу 80 милиони евра и тој во овој момент е предмет на анализа и на подготовки на соодветните Министерства затоа што тие мерки треба да бидат таргетирани и да бидат насочени кон најранливите категории граѓани.

Влогот во стандардот на граѓаните е врвен приоритет, особено во услови на огромна економска криза и Владата ќе продолжи финансиски да ги поддржува граѓаните и компаниите.

Паралелно со овие интервентни мерки за справување со економската криза, Владата, заедно со останатите клучни регулатори на финансискиот сектор во нашата земја продолжува со стратегиски пристап за обезбедување на стабилен и одржлив финансиски систем.

Владата целосно ја прифати и преку Министерството за финансии активно учествува во креирањето на Стратегија за финтек-секторот.

Една од целите на оваа стратегија, во која учествува и Комисијата за хартии од вредност, е воспоставување високо координиран институционален систем за поддршка на развојот на иновативните технолошки решенија во финансискиот систем што е од големо значење за јакнењето на економијата.

Уште еднаш ќе ја нагласам потребата од натамошно одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, отпорен и флексибилен на брзите промени од окружувањето, којшто функционира во најдобар интерес за граѓаните и целокупната економија.

Во тој систем своја интегрална улога има и Комисијата за хартии од вредност која денеска го одбележува својот значаен јубилеј – 30 години од постоењето, и која денеска се препознава како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција којашто ужива висока доверба и кредибилитет.

Честитки до сите сегашни и поранешни вработени во Комисијата за хартии од вредност и ви посакувам и понатаму успешен придонес во стабилноста на нашиот финансиски систем.“

извор: Влада

фото: Влада