Директорката на УЈП, Сања Лукаревска денеска информира дека во наредниот период координирано со министерот за финансии, ќе поднесат предлог-измена на Законот за враќање на дел од ДДВ-то за физичките лица.
-Мерката „Мој ДДВ“ слави трет роденден. Со повратокот на дел од данокот на додадена вредност кај граѓаните вративме 4,2 милијарди денари. Измената на Законот е со цел од наредната година од 1-ви јануари 2023 година, да се зголеми лимитот на повратот на ДДВ. Граѓаните наместо 1800 денари за тримесечје, да можат да добијат максимални 2100 денари за скенираните сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“. Со ова даваме дополнителен стимул и кај граѓаните и кај компаниите, објасни Лукаревска.
По три години откако е воведена оваа контролно-стимулативна мерка позната како „Мој ДДВ“ кај граѓаните се вратени 60,3 милиони евра, а бројот на корисници е околу 460.000.
Најмногу скенирани фискални сметки има од бензинските пумпи, мали и големи маркети, продавници за бела техника и облека.
фото: Архива