Кризата со вода се продлабочува, во некои области на јужна Европа властите ја ограничуваат употребата на вода

0
241

Преголема потрошувачка на вода за толку малку дожд, изворите на вода за пиење пресушуваат. Сѐ повеќе луѓе во Европа ги чувствуваат последиците од екстремните топлотни бранови, подолгите суши и прекумерната потрошувачка на вода, сето тоа засилено со промените на климата предизвикани од човекот. Јужна Европа во моментов особено страда од топлотни бранови и суши, објави DW.COM.

За да има доволно вода за населението, политичарите ги повикуваат луѓето да ја ограничат потрошувачката на вода на она што е апсолутно неопходно, но на некои места тоа не е доволно.

„Едно се сушите. Друго е колку вода вадиме од системот“, вели д-р Нихал Цал, експерт за вода во Европската агенција за животна средина.

Приватната потрошувачка на вода во Европа има удел од само 9%. Најголем дел, околу 60 отсто, троши земјоделството.

Ситуацијата во моментов е најдраматична во северна Италија. Земјата страда од најтешката суша во последните 70 години. Поради тешката ситуација со водата, неколку региони прогласија вонредна состојба за вода. Над 100 градови се повикани да ја ограничат потрошувачката на вода што е можно повеќе. Италијанската влада поради тоа во понеделникот (4.07) прогласи вонредна состојба во пет региони до крајот на годината. Таа сака да стави на располагање 36 милиони евра на краток рок за борба против кризата со вода.

Над 100 градови во Италија се повикани да ја ограничат потрошувачката на вода што е можно повеќе

Португалија, пак, уште зимоска се соочи со фактот дека 2022 година би можела да биде исклучително сува година. Поради недостиг на дожд, водостоите на реките веќе во јануари беа екстремно ниски. Затоа владата уште во февруари нареди користењето на хидроцентралите да се намали на два часа неделно. Така земјата би требало да може да има вода за пиење за своите десет милиони жители најмалку две години.

Она што зимоска се насетуваше, сега е уште појасно. До крајот на мај, во 97 отсто од земјата веќе владееше голема суша. Согорувањето на јаглен, нафта и гас ги зголеми речиси двојно сушите во Средоземјето, кои инаку се случуваа секои десет години. Некои региони ја доживуваат најлошата сушна сезона во последните илјада години.

Исклучително суво е и во Шпанија, толку суво што две третини од целата површина е соочена со опасност да се претвори во пустина. Тоа значи дека плодните почви сѐ повеќе се претвораат во песок.

Според шпанската метеоролошка служба, оваа зима беше втора најсушна од 1961 година. Градовите на северот на земјата беа принудени да преземат драстични мерки уште во февруари.

Во местото Кампелес, во Каталонија, по наредба на градот, понекогаш дневно имаше само неколку часа вода. За итни случаи, на пет локации во местото се депонираа кофи со вода.

Текстот во целост на: DW.COM.

фото: DW.COM.