До каде ќе оди поскапувањето на лебот?

Лебот на граѓаните им е скап, а мелничарите и пекарите најавија поскапување за десетина отсто ако државата не им обезбеди поевтина струја. Во меѓувреме домашната пченица ја јаде стоката поради ниската откупна цена.

Цената на лебот речиси и да се удвои изминатата година, а најавите дека за еден месец тој ќе поскапи за дополнителни 10 отсто ги вознемири граѓаните. Велат дека ако од нешто тешко можат да се откажат, тоа е секако лебот без кој тешко може да се замисли македонската трпеза.

Па така, од граѓаните со кои разговараше РСЕ никој не се решава да скрати од лебот, ама пак затоа тоа удира по џебот.

„Не знам дали може и од лебот да се скрати. Се приметува разликата во цената и сметам дека е скап. Сега не знам колку вистински е пресметана суровината, ама според стандардот и примањата мислам дека е скап“, вели скопјанката Надица Илиевска.

Со неа се согласува уште една нејзина сограѓанка, која ја анкетиравме во центарот на Скопје.

„Висока е (цената) , тоа имам да кажам само. Да се намали нема да се намали, тоа е факт. Се се крева, ќе се крене и лебот, ќе се навикнеме. Нема што друго, што ќе смениме. Ќе се снаоѓаме, што да кажам. Ние сме снаодлив народ“, заклучува таа.

„Па за скап е скап, ама да јадеме мора да јадеме. Се снаоѓаме. Веќе ништо не е изненадувачки“, вели и Маја, исто така од Скопје.

Според државната статистика, лебот и житата поскапеле за 47,7% ако се споредат цените во септември годинава со истиот месец лани. Ама впечатокот во маркетите е дека таа е уште повисока.

Па така, во просек векна од најевтиниот бел леб кој тежи меѓу 400 и 500 грама во големите маркети се продава за 50 денари. Истиот леб лани беше двојно поевтин. Ако во лебот има додадено некои семенки, или малку интегрално брашно, тогаш цената е значително повисока, меѓу 65 и 100 денари.

Некои лебови имаат и „баснословни“ цени, како на пример макробиотски леб од 270 грама, кој го купивме од пекара во центарот на Скопје и чинеше 140 денари.

Најевтин бел леб пак успеавме да најдеме во пекара во скопската населба Ченто, по 35 денари за векна од околу 400 грама, но како што забележуваат локалците, тој леб и најбрзо се троши.

Домашната пченица оди за стоката

Енормното поскапување на лебот се правдаше со енормниот раст на струјата на светските берзи, заедно со таа на пченицата. Директно влијание за ова имаше руската воена инвазија врз Украина, држава која важи за најголемата житница во Европа. Па така, лебот во земјава почна да поскапува уште во април, што заедно со стравот од нејзин недостиг ја натера владата да најавува вложувања во домашното производство.

Неколку месеци по жетвата, тетовскиот земјоделец Мемет Синани, е дециден дека не само што не произведовме повеќе пченица, туку таа „за џабе“ е откупена од земјоделците. Во неговото село, забележува дека ако жетвата траела во просек меѓу 12 до 15 дена, годинава завршила за само седум дена. Неговата пченица му ја откупиле за 19 денари за килограм, веднаш по жетвата. Оние земјоделци кои чекале подобра цена, сега зеле помалку, по 17 или 18 денари.

 

Радио СЛободна Европа